Осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 бараат до правосилноста на пресудите да се бранат од слобода.
Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, кој беше неправосилно осуден на 18 – годишна затворска казна, Душко Лазаров (осуден на 15 години затвор), Горан Ѓошевски (осуден на 15 години затвор), Никола Митревски-Кољо (осуден на 15 години затвор) и Абдулфета Алими (осуден на 7 години затвор), денеска со жалба до Апелациониот суд Скопје од петорката судии побараа да им биде укинат притворот, зашто имаат дадено гаранции уште во текот на постапката додека беа во ефективен и во куќен притвор.
Гаранцијата на Чавков е 600 илјади евра, на Ѓошевски 434 илјади евра и на Лазаров, како највисока, изнесува 770 илјади евра, целосно во недвижен свој и имот на роднини.
Адвокатот на Алими, пак, му даде доказ имотен лист на советот судии, дека имотот на Зијадин Села сѐ уште е во сопственост на Република Северна Македонија. Села плати гаранција за Алими, зашто по обидот за убиство врз него, Алими му го спасил животот.
Алими е собраниско обезбедување кој е осуден дека не сторил ништо да го спречи отворањето на вратите од Мукоски и Василевски, кои пак, си добија амнестија за 27 април.
„За што плативме гаранции, за да седат во затвор?“, коментираа роднините на осудените.
Овие петмина побараа јавна седница. Сите беа донесени од Шутка и седеа со лисици дури не влегоа во судницата.
Жалби против мерките притвор, што ги добија истиот ден кога Основниот суд Скопје 1 им ги изрече казните на 15 март, поднеле уште шестмина осудени, кои се без дадени гаранции до судот. Тие бараат или да се бранат од слобода, или замена за поблага мерка, куќен притвор.
Петчлениот судиски совет одлуката ќе ја соопшти дополнително.
С. К. ДЕЛЕВСКА