ЧАВКОВ СИ ГИ СОБРАЛ ЛИЧНИТЕ РАБОТИ И СИ ЗАМИНАЛ ОД КАБИНЕТОТ ВО МВР

    ЧАВКОВ СИ ГИ СОБРАЛ ЛИЧНИТЕ РАБОТИ И СИ ЗАМИНАЛ ОД КАБИНЕТОТ ВО МВРИзвори од полицијата велат дека го поднел барањето за пензионирање најверојатно за да не дочека да биде сменет од новата влада - Митко Чавков со дел од соработниците на Денот на полицијата 7 мај (Фото: Ѓ. Личовски)

    Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков вчера си ги собрал личните работи од кабинетот и поднел барање за пензионирање до Министерството за внатрешни работи, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори во министерството.

    “Митко Чавков поднесе официјално барање за пензионирање. Тој исполнува услови за заминување во пензија, бидејќи е со бенифициран работен стаж. Барањето на Чавков за заминување во пензија веќе е во процедура”, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК високи извори од Министерството за внатрешни работи.
    Извори од полицијата велат дека Чавков го поднел барањето за пензионирање најверојатно за да не дочека да биде сменет од новата влада.
    Министерот за внатрешни работи во техничката влада Агим Нухиу на прес-конференцијата на 3 мај кажа дека до Владата поднел предлог за разрешување на Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Нухиу го разреши Чавков и од шеф на оперативниот штаб во МВР поради пропусти во работата за време на нападот во Собранието на 27 април и објави дека формирал работна група од професионалци во МВР која ќе ја утврдува одговорноста на Чавков и на структурите во МВР за организираниот напад на Собранието на 27 април.
    Веднаш по крвавите настани во Собранието Нухиу објави дека директорот Чавков вечерта на 27 април два часа бил недостапен, иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обзнани дека таа вечер два пати зборувал по телефон со директорот на Бирото за јавна бебедност и му рекол полицијата да постапува професионално.
    До денес нема резултати од работата на групата што треба да ја испитува одговорноста на Чавков, ниту па најава дека МВР има поднесено кривична пријава против него до обвинителството.

    Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу откри дека на 27 април имало сценарио кое би било повод за прогласување воена состојба од врховниот командант на АРМ, претседателот Ѓорге Иванов.

    Тој во интервју  на Телевизија АЛСАТ-М  рече дека Иванов и структури од МВР, поточно од Управата за безбедност и контраразузнавање подготвиле сценарио кое би се искористило за прогласување на воена состојба.

    “Сценариото кое според моето мислење постоеше е да се удри по Собранието. Има и гласини кои не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот да ја извади армијата и да прогласи воена состојба“ , рече Нухиу.

    Митко Чавков како директор на Бирото за јавна безбедност ја кординираше и акцијата на МВР во кумановската населба “Диво насеље“ на 9 мај 2015 година кога загинаа осум, а над 40 полицајци беа потешко ранети. Веднаш по оваа акција оставка си дадоа тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира