ЧЕКАМЕ ОБВИНИТЕЛСТВО ДА НАПРАВИ КОНТРОЛА ЗА ПОГРЕШНИТЕ НАЛЕПНИЦИ НА ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЧЕКАМЕ ОБВИНИТЕЛСТВО ДА НАПРАВИ КОНТРОЛА ЗА ПОГРЕШНИТЕ НАЛЕПНИЦИ НА ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо моментов, на Клиниката за инфективни болести има тресетина пациенти, од кои најголем број се деца, а близу половина од невакцинираните деца во Скопје сега се вакцинирани, рече министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство (OJO) сѐ уште не направило проверки во Министерството за здравство за грешните налепници на вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит), за кои минатата недела соопшти дека отворило предмет по допрен глас.

    „Сѐ уште не дошле луѓето од Oбвинителството. Во постојана комуникација сме со министерот за внатрешни работи и ги очекуваме да додат и да си ја завршат работата“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    OJO минатата недела соопшти дека отворило предмет по допрен гглас, а надлежен јавен обвинител дал наредба на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи да извршат проверки во правното лице „Македонија лек“ како увозник и дистрибутер на вакцината МРП, за да обезбеди комплетна документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање. Бирото за јавна безбедност треба да изврши и проверка на документацијата за контролите во Агнецијата за лекови и медицински средства, како и во Министерството за здравство. Од ОЈО соопштија дека се направени контроли во фирмата дистрибутер и дека најдени се вакцините кои се со погрешни лепенки и дадена е наредба тие да се обезбедат, во случај да се потребни во понатамошна постапка.

    Министерот Филипче вели дека епидемијата со морбили и натаму е на сила, бидејќи секој ден има нови случаи.

    „Во моментов, на Клиника за инфективни болести има триесетина пациенти, од кои најголем број се деца. Над 85 отсто од вкупниот број заболени пациенти се невакцинирани, а од почетокот на епидемијата досега има околу 150 заболени. Но, одличен е бројот на деца што се вакцинираа откако почна епидемијата, близу половина од невакцинираните деца во Скопје сега се вакцинирани и искрено се надевам дека овој тренд ќе продолжи и натаму, со што ќе го спречиме ширењето на на оваа болест и во иднина да не се случува ваква состојба“, рече Филипче.

    Тој кажа дека Клиниката за инфективни болести има капацитет да ги прими и пациентите со сезонски грип, за што одвоиле две посебни крила за да бидат изолирани од останатите пациенти. Според него, сѐ уште е мал бројот на заболени од грип и дека ако има потреба тие ќе се примаат и во останатите болници, каде има инфективни одделенија.

    Во последното деноноќие на Клиниката за инфективни болести примени се пет нови пациенти со мали сипаници, велат од Министерство за здравство.

    „Две деца се примени на лекување во Клиниката за инфективни болести. Станува збор за едногодишни деца, од кои едното од Аеродром, а второто од Петровец. И двете се невакцинирани . Амбулантски се прегледани три други пациенти со полесна клиничка слика и пуштени се на домашно лекување. Станува збор за 36-годишен пациент од Аеродром кој бил вакциниран, потоа еден 40-годишен пациент од Центар кој бил вакциниран со една доза на вакцината и шестгодишно дете вакцинирано со една доза од вакцината. Детето е ученик во основното училиште ‘Љубен Лапе’ во Општина Аеродром. На клиниката има триесетина деца, а најчести компликации се пневмонии“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството повторуваат доследно да се почитуваат противепидемиските мерки, како и оние што не се вакцинирани тоа да го напрват, како возрасните така и децата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира