ДА ГО ТРГНЕМЕ И ПОСЛЕДНОТО ОПРАВДУВАЊЕ ЗА НЕДОБИВАЊЕ ДАТУМ, ТОА Е ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО ПАЛМЕР

    ДА ГО ТРГНЕМЕ И ПОСЛЕДНОТО ОПРАВДУВАЊЕ ЗА НЕДОБИВАЊЕ ДАТУМ, ТОА Е ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО ПАЛМЕР„Еднаш паднавме во замката на жртва и разочарување во 2008 година и мислам дека тоа нема далеку да не одведе ако пак паднеме“, вели Димитров. - Димитров и Палмер во Министерството за надворешни работи (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека не треба да паднеме во замката на жртва и разочарување по недобивањето датум за пристапните преговори со ЕУ, туку да бидеме упорни и да се обидеме да го тргнеме и последното оправдување, а тоа е Законот за Јавно обвинителство, по денешната средба со специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.

    „Разговаравме за изгледното НАТО членство, разговаравме за колку е важно да се отвори и европското поглавје, се разбира за македонските интереси, меѓутоа и интересите на Вашингтон. Еднаш паднавме во замката на жртва и разочарување во 2008 година и мислам дека тоа нема далеку да не одведе ако пак паднеме. Треба да бидеме упорни, треба да се обидеме и последното оправдување да го тргнеме, тоа е Законот за Јавно обвинителство и во следната прилика да излеземе уште поспремни и уште поупорни и да најдеме начин како сите земји членки на ЕУ и нивните грижи да се адресирани, но и нашиот интерес, бидејќи имаме заеднички интерес. Тоа е пред нас, задачата да покажеме дека сме зрели и цврсто решени да успееме, да бидеме победници, а не жртви. Разговаравме за сите овие аспекти“, изјави Димитров.

    На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, неодамнешната посета на државниот секретар Мајк Помпео била оценета како дополнителна потврда на стратешкото партнерство, заемниот интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка.

    Посетата на Палмер доаѓа непосредно по ратификацијата на Пристапниот протокол за членство во НАТО во американскиот Сенат.

    „Секретарот Помпео дојде да ја потврди силната поддршка на САД за Северна Македонија и за европската перспектива на Северна Македонија“, изјави кусо Палмер.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари