ДА СЕ ПРОВЕРИ ИМОТОТ НА СИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД 90-ТИТЕ ДО ДЕНЕС, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ВТОР ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ МАНДАТ

    ДА СЕ ПРОВЕРИ ИМОТОТ НА СИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД 90-ТИТЕ ДО ДЕНЕС, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ВТОР ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ МАНДАТПендаровски кажа дека судиите кои предмети во фиоки треба да бидат разрешени.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Да се провери имотот на сите политичари, но не само за изминативе 5 години туку од 90-тите па до сега, рече актуелниот претседател Стево Пендаровски на конвенција за кандидат за претседател на државата која синоќа се одржа во салата „Борис Трајковски. Пендаровски во своето обраќање пред присутните кажа дека повторно ја бара довербата од граѓаните, затоа што зад неговото име нема ни една афера, ни еден случај на корупција, на провизии или наместени тендери.

    „Гледам дека и опозицијата најавува ветинг на политичарите, бараат надлежните органи да испитаат дали некој од нас несразмерно го зголемил својот имот. Јас го поддржувам овој предлог и додавам уште еден параграф. Да го провериме нашиот имот и на нашите блиски не само во изминативе 5 години, туку од 90-тите до сега. Да видиме кој ќе го положи тој тест, оние кои ги кршеа санкциите на ОН против тогашна Југославија и без закон за национализација присвојува национализиран имот за себе и така несразмерно го зголемија нивниот имот“, рече во обраќањето Пендаровски.

    Пендаровски кажа дека на овие избори граѓаните ќе одлучат дали ќе им дадат доверба на квази патриотите или на оние кои знаат да ја позицираат и да ги штитат нејзините интереси во светот. Кажа дека сегашната опозиција беше 11 години на власт, а не донесе ниту една тешка одлука.

    „Со носење на стратешки одлуки се остваруваат националните интереси на долг рок, но на краток рок се губи рејтингот, а со популистички одлуки се чуваат фотељите и парите, но не и интересите на државата и граѓаните. Ние како власт грешки немавме за стратешките прашања, но за одредени политики и кадровски одлуки имавме. Нашето најголемо потфрлање беше што застанавме на половина пат на реализација на слоганот ‘нема правда нема мир‘. Не може да го вратиме времето, но можеме да се обврземе на целосен ветинг на судиите и на нас политичарите. Сите кои држат во фиоки предмети со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони, треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да се кандидираат за политички функции“, кажа Пендаровски.

    На конвенцијата зборуваат претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, како и актерката од турскиот театар Несрин Таир, писателот и активист Рамадан Рамадани и музичарот Ристо Вртев, кои дадоа поддршка за кандидатурата на Пендаровски за втор мандат.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира