ДАРУВАЈТЕ КОСА ЗА ДА СЕ ИЗРАБОТИ ПЕРИКА ЗА ДЕЦА БОЛНИ ОД РАК, ВЕЛИ КАМПАЊАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО САНО

    ДАРУВАЈТЕ КОСА ЗА ДА СЕ ИЗРАБОТИ ПЕРИКА ЗА ДЕЦА БОЛНИ ОД РАК, ВЕЛИ КАМПАЊАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО САНОКосата треба да биде здрава, небојадисана и подолга од 20 сантиметри. (Фото: САНО)

    Околу педесет лица веќе се пријавиле како заинтересирани да донираат коса, а веќе е донирана и првата плетенка долга 50 сантиметри, велат од Здружението САНО, кои деновиве ја почна кампањата „И вистинските херои носат перика“. Со оваа кампања, се повикуваат сите заинтересирани да донираат коса од која ќе биде изработена периката за некое од децата кои се лекуваат на Хемато-онколошкото одделение на Детската клиника во Скопје.

    Косата треба да биде здрава, небојадисана и подолга од 20 сантиметри, а оние кои се заинтересирани може да ја остават во просториите на здружението, во Родителската соба на Клиниката за детски болести. Може да се обратат на телефонските броеви 070/308-062 и 070/372- 527, како и преку профилите на САНО на социјалните мрежи.

    Периките се многу скапи и се голем трошок за родителите, вели Марија Тасев од САНО, и додава дека кај нас нема кој да ги изработува па родителите морале да ги изработуваат во странство. Здружението склучило договор со жена која изработува перики во Србија, една перика чини 600-700 евра, а целиот процес е околу 1.000 евра.

    „Тоа се перики за дечиња на 4-5 години, најчесто за девојчиња кои се во таа фаза кога се осознаваат, сакаат фризури, плетенки. Ние сакаме да им помогнеме во социјалниот момент, психолошки да се здрави додека минуваат низ процесот на лекување“, вели Тасев.

    Од Здружението се надеваат дека годишно ќе успеат да изработат по 3-5 перики.

    Тасев апелира до сите општествено одговорни компании да донираат средства за да се изработат периките, затоа што, како што вели, „кога се работи за здравјето на децата, не постои такво нешто како голем трошок“.

    Директорката на Клиниката д-р Аспазија Софијанова вели дека децата кои се лекуваат со цитостатици ја губат косата и дека со оваа кампања ќе им се помогне во социјалниот момент.

    „Неодамна потпишавме меморандум за обнова на Онколошкиот оддел, вкупно околу 125 илјади евра ќе се инвестираат во обнова на одделот кадешто се лекуваат децата со малигни заболувања, со цел да се подобри престојот на дечињата и нивните родители. Тоа ќе значи обнова на еден регионален Центар за оние за кои болеста е толку неизвесна, а постоењето на едно вакво одделение ќе ја внесе во рамките на европско препознатлива клиника, заедно со европско препознатливи експертизи кои ќе работат во лекување на малигните болести кај децата“, вели д-р Софијанова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира