ДЕЛ ОД РОДИЛИШТАТА СЕ НЕФУНКЦИОНАЛНИ ОТИ НЕМААТ ГИНЕКОЛОЗИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    ДЕЛ ОД РОДИЛИШТАТА СЕ НЕФУНКЦИОНАЛНИ ОТИ НЕМААТ ГИНЕКОЛОЗИ, КАЖА ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче и директорката на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) Доина Болога денес потпишаа договор од 107.000 долари за финансирање на програми за заштита на мајките и доенчињата (Фото: Влада)

    Дел од родилиштата во земјава се нефункционални оти нема гинеколози, кажа министерот за здравство Венко Филипче по потпишување на договорот со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за спроведување на мерки за намалување на смртноста кај доенчињата и мајките.

    Тој рече дека проценката на состојбата во родилиштата во земјава, што ја правеше Министерството за здравство заедно со експерти УНФПА е завршена и дека според резултатите од оваа анализа наскоро ќе одредат какви мерки ќе преземат за надминување на проблемите.

    „Резултатите се пристигнати и се сумирани. Врз основа на тоа ќе изградиме стратегија за имплементирање на следните мерки. Ќе се процени каде е потребно дополнување на кадар и опрема и тоа ќе го направиме, пред сè во клиничките болници Штип, Битола и Тетово. Веќе се почнати мерки и тоа се спроведува. Делумно во пресрет излегуваат агенции кои прават донација, а делумно правиме план за набавка преку Министерството“, рече Филипче.

    Според резултатите од оваа проценка од 29 родилишта во земјава, функционални се само 17. Министерството допрва ќе одлучи што ќе прави со оние родилишта кои работат без гинеколог.

    Договорот што Министерството денес го потпиша со УНФПА за реализација на мерки за подобрување на здравјето на мајките и доенчињата, кои треба да се спроведат до крајот на оваа година, како што кажа Филипче, предвидува средства од 107.000 долари, од кои дел ги обезбеди Министерството за здравство. Според него со овој договор се зајакнува програмата на Министерството за ефективна грижа на мајките и децата.

    Засилени мерки за намалување на смртноста кај бебињата следуваа откако во првото тримесечие од годината на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, починаа 35 бебиња.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари