ДЕН ОТКАКО РЕШАВАШЕ ЗА ПРИТВОРОТ НА ГРУЕВСКИ, СУДИЈАТА СЕ НАЈДЕ НА ДНЕВЕН РЕД ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ КАЈ КАРАЏОВСКИ

    ДЕН ОТКАКО РЕШАВАШЕ ЗА ПРИТВОРОТ НА ГРУЕВСКИ, СУДИЈАТА СЕ НАЈДЕ НА ДНЕВЕН РЕД ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ КАЈ КАРАЏОВСКИДека Тодоровски имал постапка во Советот за утврдување на факти, што според законот е тајна, јавноста дозна од медиуми, на кои што адвокатите на Груевски и останатите обвинети за кои се бараше притвор, им ја дале информацијата. - Претседателот на Судски совет Зоран Караџовски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет го стави на дневен ред разрешувањето на судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје 1, кој беше изземен од кривичниот совет што одлучуваше за притворот на експремиерот Никола Груевски, истиот ден кога беше соопштено дека не му е одредена мерка притвор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но и на останатите обвинети во предметот на СЈО „Титаник“: Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски.

    Според архивата со последните соопштенија на Судскиот совет, во дневниот ред на 259. седница на Советот, на 21.06, во шестата точка е спомнато разрешување на еден судија. Неофицијално, дознавме дека се работи за предлог-разрешување на судијка од Радовиш.

    На трети јули, по драматичниот викенд кога судијата од кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Дарко Тодоровски гласал за притвор на обвинетата петорка од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, и експресно беше изземен, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски го ставил на дневен ред на истата таа 259. седница, во шестата точка, за разрешување.

    „Донесени се одлуки со кои се определени известители од редот на членовите на Судски совет на Република Македонија по поднесени барања за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција од Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија“, стои во соопштението на Судскиот совет објавено на трети јули, дента кога Основниот суд Скопје 1 објави соопштение дека се одбива барањето притвор од СЈО против Груевски и останатите.

    Ден претходно, судијата Тодоровски беше изземен, а за да се добие сооднос на гласовите 2 спрема 1 за отфрлање на притворот, како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, од пат од Битола беше вратен друг судија.

    Се обидовме да стапиме во контакт со претседателот на Советот Зоран Kараџовски за тоа како од еден судија за разрешување спомнат во соопштението за 259. седница, на трети јули станаа двајца и дали е точно дека дополнително е ставен и Тодоровски, заедно со судијката за разрешување. Дека Тодоровски имал постапка, што според законот е тајна, јавноста дозна од медиуми, на кои што адвокатите на Груевски и останатите обвинети за кои се бараше притвор, им ја дале информацијата.

    Сакавме да го прашаме Караџовски и зошто токму сега се активира постапката за разрешување на судијата кој се изјаснил дека ќе гласа за притвор на обвинетите во „Титаник“, кога таа постапка пред Советот за факти била уште поодамна поднесена. Иницијативи за разрешување во 2016 и 2017 година имаше за повеќе судии и сите, според извештајот што го објави денес овој Совет за факти, биле отфрлени, освен две, како што се наведува, за кои веќе тргнала процедурата во Судскиот совет. Караџовски не одговори на повикот, ни на пораката.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира