ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ИЗБОРОТ НА НОВАТА ВЛАДА ВО СОБРАНИЕТО

    ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ИЗБОРОТ НА НОВАТА ВЛАДА ВО СОБРАНИЕТОГласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна до утре (23 јуни) на полноќ. (Фото: СДК.МК)

    Изборот на новата Влада почнува денеска, на собраниската седница закажана за 11 часот. Мандатарот, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 18 јуни го поднесе предлог-составот и програмата за работа на владата. Новата влада ќе има 24 члена, од кои 15 се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

    Покрај премиерот, ќе има вкупно 23 министри, од кои 20 со ресор. Владата ќе има 5 вицепремиери: Изет Меџити, лидер на Демократското движење, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија. Вицепремиер и министер за транспорт и врски ќе биде актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Министер за добро владеење и вицепремиер од Алијанса за Албанците е Арбен Фетаи. Љупчо Димовски од Социјалистичка партија ќе биде вицепремиер и министер за политички систем. Вицепремиер за односи меѓу заедниците ќе биде Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

    Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна до утре (23 јуни) на полноќ. Владата се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    „Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија“, изјави Мицкоски на 18 јуни.

    Со изборот на новата влада, прекинува мандатот нна техничката, изгласана на 28 јануари 2024.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира