Распитот на осомничените во предметот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да почне денеска во 10 часот во Кривичниот суд во Скопје. Станува збор за шестмина припадници на полициската единица „Алфи“, што тимот на Катица Јанева ги сомничи дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Љубе Бошковски во 2011 година. За нив не е побаран притвор, туку одземање на полициските овластувања.
Во предметот „Тортура“ првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, но за него СЈО не побарало да се појави во судот во оваа фаза на постапката затоа што не е вработен во МВР и веќе нема полициски овластувања. Меѓу осомничените е и командирот на единицата Алфи Ивица Анчевски – Пуки.
Нејасно е зошто иако предметот „Тортура“ беше објавен на 28 март оваа година, дури сега Основниот суд Скопје 1 постапува по него. СЈО побарало одземање на полициските овластувања за шестмина полицајци уште на почетокот на април, но со аболицијата на претседателот Иванов од 12 април, сите предметите беа сопрени. Во меѓувреме и командирот на Алфите беше вратен на работното место. Со делумното повлекување на аболицијата, СЈО повторно побарало од Судот да преземе мерки на претпазливост, затоа што некои од осомничените не беа опфатени со таа мерка. По целосното повлекување на аболицијата, уште на почетокот на јуни, СЈО повторно го актуелизираше предметот.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференцијата на СЈО на 28 март годинава соопшти дека првоосомничен во „Тортура“ е тогашниот директор на УБК, кој им издавал наредби на припадници на единицата „Алфи“ за апсењето на Бошкоски со прекумерна употреба на средства за присилба. Според неа, со начинот на апсењето се нарушило неговото човечко достоинство и се дискриминал по основ на поинаква политичка определба.