Десетмината починати пациенти кои влегоа во денешната статистика на вкупно 21 починат од ковид-19 на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се од Тетово, a биле дополнително процесирани затоа што дел од нив се пациенти кои биле хоспитализирани настрана од Ковид-центрите и се лекувале од друга патологија, а покрај ковидот имале и друга болест, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Образложението следи откако попладнево во стандардниот дневен извештај за состојбата со ковид-19 во земјава беше наведено дека починале 21 лице, со забелешка дека од „евидентираните починати, 10 се со датум на смрт од претходните три недели денес пријавени во Институтот за јавно здравје“.
„Во ИЈЗ се пријавуваат сите починати лица кај кои бил детектиран вирусот на ковид-19. Пријавите пристигнуваат од Ковид-центрите во болниците доколку пациентите се починати таму, од Центрите за јавно здравје кои ги собираат анкетните листови од сите останати одделенија во болниците, од матични лекари или директно од семејствата. За дел од починатите брисевите се земаат постмортем и резултати стасуваат подоцна. Кај дел од нив резултатите од анализите за ковид се стасани откако биле пријавени за починати. Затоа датумот на смрт не е ист со пријавата за ковид позитивен брис“, ни рекоа од Министерството.
Оттаму додаваат дека заедно со ИЈЗ од почетокот на пандемијата изградија став за транспарентност во однос на бројот на хоспитализирани и починати од ковид-19.
„Сите починати лица кај кои вирусот е детектиран се пријавуваат до ИЈЗ без оглед на тоа дали инфекцијата со вирусот била директна причина за смртта, придонела кон истата или пак вирусот постмортем бил откриен кај пациент кој починал иницијално од друга болест“, вели Министерството.
Од почетокот на епидемијата во земјава се регистрирани 91.161 заболени, оздравени се 79.621, починати се 2.812, а активни случаи се 8.728.
Б. НЕСТОРОСКА