ДЕТЕТО ШТО ИЗГОРЕ ВРЗАНО СО СИНЏИР НЕ БИЛО ПРИЈАВЕНО КАКО ПРОБЛЕМАТИЧНО, МАЈКАТА СО ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА СЕ ДОСЕЛИЛЕ ВО СТАНОТ ВО ГОСТИВАР ПРЕД 10 ДЕНА

    ДЕТЕТО ШТО ИЗГОРЕ ВРЗАНО СО СИНЏИР НЕ БИЛО ПРИЈАВЕНО КАКО ПРОБЛЕМАТИЧНО, МАЈКАТА СО ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА СЕ ДОСЕЛИЛЕ ВО СТАНОТ ВО ГОСТИВАР ПРЕД 10 ДЕНАСемејството од 4 деца и мајка се по потекло од Ресен, а во Гостивар дошле пред 10-тина дена. (Фото: СДК.МК)

    Пред само десетина дена, седумгодишното дете што изгоре денеска врзано со синџир, мајката и три браќа-сестри од една ипол до 5 годишна возраст, се доселиле во станот што изгоре денеска во Гостивар. Тие биле од Ресен. Сите четири се родени во вонбрачна заедница, самохраната мајка ги чувала сама своите четири деца.

    Ова се првичните сознанија за денешната трагедија во Гостивар што ги сподели со САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Центарот за социјални работи (ЦСР) на Гостивар Магдалена Савеска околу мајката со четири дечиња во чиј стан, најверојатно под кирија, изгоре едно од четирите деца, додека било врзано со синџир, зашто било насилно.

    Никакви социјални права, детски додаток, детска заштита или кое било друго право или услуга не користела мајката некогаш од државата, вели Савеска.

    „Немавме никакви сознанија, ни од социјален аспект, ниту од било каков друг за ова семејство. Не постојат дојави ниту од соседи, ниту пак се некогаш евидентирани во МВР за какви било проблеми. Не постои пријава за мајката за родителска негрижа. Семејството е по потекло од Ресен. Скоро дошле во Гостивар, пред 10-ина дена. Претходно биле сместени во друг стан. Децата се од вонбрачна заедница, сама е мајката, нема татко со нив. Има само една евиденција, за упис на сега починатото детенце на училиште. Ништо друго нема ни како проблем, ни како барање, ни обраќање од нивна страна до државата“, вели директорката Савеска.

    Според неа, важно е што по пожарот во кој изгоре станот во кој биле сместени мајката и трите мали деца, тие се сместени во Интернатот во градот, обезбедена им е и храна и тим од психолози и социјални работници кој работи со нив по тешката траума и загуба на член од семејството. На Центарот за социјални работи на Гостивар му помогнала Општината.

    „Останатиот дел, односно правниот аспект – зошто 7-годишното дете било врзувано, кој го врзал и така натаму, е работа на Обвинителот. Најважно за нас е што трауматизираното семејство е безбедно сместено и што им се пружени сите неопходни услови и намирници. Но ова никако не е трајно решение за децата, туку привремено“, вели директорката на ЦСР Гостивар.

    На прашање во каква здравствена состојба е мајката и дали таа го врзала детето кое изгоре денеска, Савеска вели дека моментално таа е во толкав трауматски шок, што сега не е возможно на тоа да се даде одговор.

    Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска попладнево соопшти дека Министерството за труд и социјална политика побара од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата. Тие нема да останат во интернатот каде се привремено сместени.

    „Првичните сознанија на лекарскиот тим на лице место упатуваат на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете. Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност“, соопшти денеска Обвинителството.

    На местото на пожарот денеска излезе јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Гостивар со цел да изврши увид како и специјална екипа од Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, за да ги испита причините за пожарот.

    „Издадена е наредба за обдукција на телото на починатото дете и се разговара со очевидците на настанот. По наредба на јавниот обвинител, се врши прибирање на трагите од лице место, кои треба да помогнат за прецизно утврдување на причините за настанатиот пожар“, соопшти Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира