ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЌЕ ДОБИЈАТ ЕДУКАЦИЈА И ТЕРАПИЈА ПРЕКУ СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА СО ЛЕГО КОЦКИ

    ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЌЕ ДОБИЈАТ ЕДУКАЦИЈА И ТЕРАПИЈА ПРЕКУ СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА СО ЛЕГО КОЦКИКај половина од децата кои веќе ја поминале пилот-програмата на Здружението за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација. Во делот на тестирањето била вклучена и професорката Софија Георгиевска, психолог од Институт за социјална работа и политика (Фото: Млади инженери)

    Децата со попреченост ќе добијат едукација и терапија преку специјално дизајнирана програма Билд-ап со лего коцки на „Млади инженери“ (Young Engineers), лиценцирана платформа за едукација преку лего коцки.
    Оваа програма почна да се применува од 1 октомври на три локации во Скопје, на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ, на Машинскиот факулет и во близина на Олимписки базен, каде се држат обуки и предавања на „Млади инженери“ , по што ќе се следат резултатите од практикувањето на овој пристап.

    Здружението „Млади инженери“, Институтот за специјална едукација и рехабилитација од Филозофскиот факултет како и Здружението за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“ потпишаа Меморандум за соработка, со кој трите страни се согласија дека програмата Билд-ап може да едуцира и да се применува кај деца со попреченост.

    Здружението „Во мојот свет“ веќе имало пилот-програма, во која биле вклучени 11 деца на возраст од 4,5 до 7 години.

    „Со оглед на тоа дека програмата е наменета за деца над 6 годишна возраст, очекувано, подобри резултати се постигнати кај децата на возраст од над 6 години. Охрабрува фактот дека и кај групата помали деца програмата делува стимулативно и има резултати на сите полиња на процена“, велат од Здружението.

    Кај половина од децата има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација. Во делот на тестирањето била вклучена и професорката Софија Георгиевска, психолог од Институт за социјална работа и политика.

    Наташа Станојковска-Трајковска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација/ Сашка Теодосиевски основач и директор на „Млади инженери Скопје“

    Според доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација, програмата Билд-ап за деца со попреченост, а особено кај деца со аутистичен спектар на нарушување, може да биде корисна и во функција на подобрување на третманот.

    „Лего коцките ги препознаваме како убава алатка во усвојување на социјални вештини градење и решавање проблеми. Специјален едукатор и рехабилитор од тимот ја помина обуката и ја спроведе едукацијата на децата опфатени со третман во центарот. Програмата е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава. Последната фаза од програмата предвидува соработка, што е многу важна вештина кај децата со аутистичен спектар на нарушувања. Соработката во текот на работата со лего коцки, децата подоцна ја пресликуваат и во реална средина (на детско игралиште, на училиште)“, вели Станојковска-Трајковска.

    Сашка Теодосиевски, основач и директор на „Млади инженери Скопје“, рече дека како застапник на официјалните програми за интердисциплинарно изучување на наука, технологија, инженерство и математика со лего коцки во нашата земја и прва лиценца на Балканот од 2017 па наваму, многу им е важно да понудат еднаква можност за сите деца да бидат дел од оваа стимулирачка програма во нивниот развој, и додава дека програмите се и инклузивни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира