Демонстрантите што маршираат во Шарената револуција вечерва пред Владата испишуваа слогани на улицата, но поради голем број полицајци кои го блокираа пристапот дури и до оградата, не се активира специјалната единица за шарање. Демонстрантите маршираа и палеа факели пеејќи „Џабе ти е аболиција, Никола“, а на улицата ги испишаа прочуените максими на покојниот новинар Никола Млаеднов „Колку чини слободата?“ и „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина на без’рбетници и тука нема компромис“.
Демонстрантите пред Владата донесоа програми на ВМРО-ДПМНЕ и скокаа врз нив, како одговор на интервјуто за Телеграф.мк на експремиерот Груевски, кој невладините организации ги нарече секти кои обучувале луѓе така што ги терале да скокаат врз програмите на неговата партија и да извикуваат „Оваа Влада не чини“. Демонстрантите во тој стил скокаа врз програмите на ВМРО-ДПМНЕ и извикуваа „Оваа Влада не чини“, по што ги запалија програмите.
Во импровизирана кутија се собираа и донации за Шарената револуција. Граѓаните оставаа пари во кутијата за да може да продолжи боењето на институциите кои се мета на револтот на демонстрантите.
Маршот продолжува кон Собранието.
„Со оваа власт одиме во пропаст“ е мотото на вечерашниот протест на Шарената револуција и движењето Протестирам. Оваа парола е испишана на главниот транспарент, на кој се закачени кукли со маските на Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески облечени во затвореничка облека.
На почетокот, беа запалени фотографии од Груевски, Иванов, Вељаноски, Чавков и актерката Јелена Жугиќ, а демонстранти ги потурија куклите со ликовите на аболицираните со кафе, за да „им тече од ногавици“.
Во најават за протестот на социјалните мрежи на Протестирам беше наведено:
„Нема да дозволиме ни да избегаат со украденото, а уште помалку да останат во земјата несоочени со правда. Нема да дозволиме повторно заташкување на ситуацијата и губење на уште една година во реформи од типот „едно напред, три назад“.
Забавата „Информативен разговор“ закажана за утревечер пред полициската станица „Беко“ се преместува за во сабота, информираа организаторите. Предвидено е забавата да започне во 20 часот, а најавен е и музички перформанс Како што пишува во информацијата испратена до Министерството за внатрешни работи, целта на забавата е министерот Митко Чавков да може да ги праша учесниците на Шарената револуција сѐ што го интересира.
Забавата доаѓа откако двајца лидери и активистка на Хелсиншкиот комитет и учесници во Шарената револуција беа повикани на информативни разговори во полициската станица „Беко“ затоа што со боја фрлале кон институциите и спомениците и беа казнети со по 50 евра.