Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, зборувајќи во име на пратеничката група на неговата партија и коалициските партнери, го повика претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш да го стави на гласање владиниот предлог за пристапување кон уставни измени.
„Поминаа 19 дена од неуспешниот референдум организиран од власта на кој што народот се изјасни дека нема мандат за уставни измени. Власта одолговлекува со гласањето и бараме од Талат Џафери без дополнително одлагање да ја стави точката на гласање и да види владејачкото мнозинство дека нема двотретинско мнозинство да покрене иницијатива за уставни измени“, изјави Милошоски на прес-конференција во Собрание.
Зад Милошоски на прес-конференцијата стоеја 33-ца пратеници, меѓу кои и координаторот на пратеничката група Драган Данев, Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Крсто Јовановски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.
Не беа присутни: Елизабета Канческа-Милевска, Даниела Рангелова, Никола Груевски, Панче Минов, Никола Попоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ, Нола Исмајлоска-Старова и Зеќир Рамчиловиќ.
Седницата за уставните измени почна во понеделникот и попладнево се очекува да има продолжение.