ЏАФЕРИ ГИ ПРЕДУПРЕДИ ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ДОЈДАТ НА ВРЕМЕ, ВЕЧЕР СЕ БИРА НОВА ВЛАДА

    ЏАФЕРИ ГИ ПРЕДУПРЕДИ ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ДОЈДАТ НА ВРЕМЕ, ВЕЧЕР СЕ БИРА НОВА ВЛАДАПо однос на времето сум прилично точен и не сакам доцнења, кажа Џафери на вчерашната седница. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери го закажа продолжението на седницата за избор на влада за денеска во 12 часот и ги предупреди пратениците да доаѓаат на време, бидејќи тој нема да толерира доцнење. Денеска на полноќ истекува рокот за гласање за новата влада, откако вчера мандатарот Зоран Заев ја претстави предлог програмата пред пратениците.

    „Димитар Стеванаџија е прв говорник утре и ако мисли да земе збор, да дојде на време. Да разберете дека по однос на времето сум прилично точен и не би сакал да дојдеме во ситуација да му одземам збор на тој што не дошол овде на време. Од утре да се знае, ако продолжуваме во 18 часот, продолжуваме во 18 часот. Да нема доцнења“, рече вчера Џафери на крајот од седницата.

    На почетокот од седницата, мандатарот Зоран Заев во експозето рече дека реформата во правосудството за да имаме независно, чесно и професионално судство и обвинителство е најважната реформа во Програмата на владата на унитарна Република Македонија. Притоа, тој најави формирање на специјално судско одделение за случаите на Специјалното јавно обвинителство.

    Лидерот на СДСМ кажа и дека нема да има отпуштања во администрацијата.
    „Доста реваншизми. Секој да се опушти, ослободи и да работи. Ќе се воведе двосменско работење за да не мора граѓаните да земаат слободни денови и боледувања за да завршат административна работа”, рече тој.
    Заев, во обраќањето пред пратениците и дипломатскиот кор во Македонија вети соодветна употреба на јазиците во Македонија, за да може, како што рече, „граѓаните полесно да ги остварат своите права, без да биде загрозен македонскиот јазик”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира