Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе раководи со Координативното тело за спроведување на референдумот за името на државно ниво и водење јавна пропаганда, чие формирање е договорено денеска на редовната координација на која присуствуваа потпретседателите на Парламентот и координаторите на пратеничките групи. Координативното тело ќе побара пари од Владата за спроведување на јавната кампања, а Собранието за оваа намена ќе отвори посебна сметка.
„Согласно член 73 од Уставот на Република Македонија, Собранието на седницата одржана на 30 јули 2018 година донесе Одлука за распишување на Референдум и со тоа е овластен предлагач и носител на јавната пропаганда. Со Координативното тело ќе раководи претседателот Џафери, а ќе членуваат потпретседателите и координаторите. Собранието, ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на Референдумот, пропорционално, според изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред јавноста своите ставови и аргументи“, соопшти Собранието.
Како и досега, на редовната кординација не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Според Собранието, Џафери денеска ќе контактира со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување можен договор за водењето на јавна пропаганда.