ДИК Ѝ ГО ДАЛ САЈТОТ НА КОМПЈУТЕРСКАТА ФИРМА БЕЗ ОГЛАС СО ДИРЕКТНО ПРЕГОВАРАЊЕ ЕДНА НЕДЕЛА ПРЕД ИЗБОРИ

    ДИК Ѝ ГО ДАЛ САЈТОТ НА КОМПЈУТЕРСКАТА ФИРМА БЕЗ ОГЛАС СО ДИРЕКТНО ПРЕГОВАРАЊЕ ЕДНА НЕДЕЛА ПРЕД ИЗБОРИВеб сајтот на ДИК денеска не се отвора воопшто; Претседателот на ДИК Оливер Дерковски (Фото: СДК.МК)

    Постапката за набавка на софтвер за веб сајт на Државната изборна комисија на кој што требаше вчера во живо да се објавуваат резултатите од предвремените парламентарни избори завршила на 8 јули 2020, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која што без проблеми го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, т.е. од формирањето на ДИК како постојано тело.

    Веб сајот на ДИК е умрен уште од синоќа по затворањето на избирачките места во 21 часот. Нема официјални резултати, ниту има најава кога би имало.

    Набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.

    За оваа набавка беше распишан тендер на 12 февруари 202о, кога се пријавија истите две фирми. На 28 април 2020, ДИК ја избра „Дуна“ како најповолен понудувач, но тогаш Државната комисија за жалби по јавни набавки ја прифати жалбата на „Ај Воут“ и го поништи тендерот.

    Во меѓувреме, ДИК ги намали критериумите за избор на најповолен понудувач.

    Компанијата „Ај Воут“ уште синоќа, по паѓањето на сајтот на ДИК на својот Фејсбук профил објави дека нивниот систем „Ај Воут демокра“ (iVote Demokra) што бил користен 15 години придонесувал за унапредување на процесот, кој претходно траел со денови и месеци, со точно, навремено, транспарентно и кредибилно јавно објавување веднаш на податоците за резултати и излезност.
    „iVote Demokra има беспрекорно досие на изработени проекти поврзани со избори со испроцесирани преку 142 милиони гласачи во целиот свет, со референци, покрај ДИК, во САД, Велика Британија, Еквадор, Киргистан, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина“, велат од компанијата „Ај Воут“.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира