ДИРЕКТОРИТЕ НА УЧИЛИШТАТА ДА ОРГАНИЗИРААТ НАСТАВА ОТИ ЌЕ ОДГОВАРААТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ШАЌИРИ

    ДИРЕКТОРИТЕ НА УЧИЛИШТАТА ДА ОРГАНИЗИРААТ НАСТАВА ОТИ ЌЕ ОДГОВАРААТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ШАЌИРИШаќири ги повика и родителите да ги однесат утре децата во училиште оти премногу настава е изгубенаа.(Фото: Влада)

    Министерот за образование Јетон Шаќири ги повика директорите на училиштата утре (среда) да организираат настава, оти во спротивно ќе одговараат. Откако од СОНК попладнево рекоа дека штајкот продолжува и нема да има настава, Шаќири на својот фејсбук профил ги повика и родителите да ги однесат утре децата во училиште оти премногу настава е изгубенаа.

    „Ги повикуваме директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите. Исто така, ги повикуваме и родителите и старателите на учениците од утре да продолжат да ги носат своите деца на училиште. Тие се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат  многу да помогнат во нормализирањето на состојбите“, вели министерот Шаќири.

    Шаќири вели дека иако вчера постигнале договор за зголемување на платите за 12 отсто, СОНК не издржале ниту едно деноноќие и ја промениле одлуката.

    „Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања“, напиша Шаќири.

    Попладнево претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека речиси сите членови не ја прифаќаат понудата на Владата за зголемување на платите за 12 отсто и штрајкот продолжува.

    За разлика од наставниците вработените во градинките решија да го прекинат штрајкот и од утре нормално ќе згрижуваат деца.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира