ДИРЕКТОРОТ НА ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ГО РАЗРЕШИ И СУСПЕНДИРА СЕКРЕТАРОТ ОТИ ПРЕКУ РЕД СЕ ВАКЦИНИРАШЕ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ДИРЕКТОРОТ НА ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ГО РАЗРЕШИ И СУСПЕНДИРА СЕКРЕТАРОТ ОТИ ПРЕКУ РЕД СЕ ВАКЦИНИРАШЕ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОСекретарот на Охридската болница спротивно на Националниот план за ковид имунизација се вакцинираше заедно со здравствените работници. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Општата болница Охрид д-р Горан Балески денеска ќе го разреши и суспендира секретарот на болницата Антонио Наумоски, кој спротивно на Националниот план за ковид имунизација се вакцинираше против ковид-19 во монтажната болница до Инфективна клиника, соопшти Министерството за здравство.

    Откако во јавноста излезе веста дека секретарот на болницата се најде на списокот на приоритетни и меѓу првите се вакцинираше против ковид-19, д-р Балески во саботата кажа дека Наумоски не е обичен административец, постојано е со целиот медицински тим кој влегува во Ковид-центарот, меѓу пациентите во придружба со стручните екипи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да прават инспекции во болницата. Балески тогаш рече дека Наумоски не го зел местото на ниту еден здравствен работник, бидејќи „имаше заболени медицински лица кои створиле антитела и не се вакцинираа“.

    „Министерството за здравство ја осудува секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид имунизација. Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник опфатен во првата група од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    Министерството укажува дека ќе има санкции за злоупотреба и непочитување на планот и стратегијата за вакцинација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира