ДО 22 МАРТ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 22 ДО 5 ЧАСОТ, АКО ТРЕБА ИТНО ДА ОДИТЕ ВО БОЛНИЦА ПРВО ПРИЈАВЕТЕ СЕ НА 192

    ДО 22 МАРТ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 22 ДО 5 ЧАСОТ, АКО ТРЕБА ИТНО ДА ОДИТЕ ВО БОЛНИЦА ПРВО ПРИЈАВЕТЕ СЕ НА 192Полицискиот час ќе важи до 22 март.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Од утре во земјава повторно ќе биде воведен полициски час овојпат од 22 до 5 часот. Владата на денешната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за воведување на забрана за движење по зголемените бројки на болни со ковид-19. Полицискиот час ќе важи до 22 март.

    Отстапки од забраната ќе има за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа. За слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.

    Владата одлучи и сите домашни и странски физички лица кои доаѓаат од афричкиот континент да бидат во 14 дневна домашна изолација, а оние кои транзитираат ќе треба да потпишат изјава за транзитирање.

    Од Владата објаснуваат дека одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

    За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин.

    „Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полицискиот час при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна“, информираат од Владата.

    Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана на движење. Министерството ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и за оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

     

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира