Новиот модел за државно финансирање на граѓанските организации треба да биде готов до септември, најави премиерот Зоран Заев на денешната конференција за реформата на ова финансирање. Заев кажа дека очекува оти од широката дебата ќе се утврдат релевантните насоки за моделот на финансирање, кој ќе одговара на потребите на граѓанските организации и ќе се заснова на основните начела на транспарентност и отчетност. Тој рече дека моделот ќе ја има и неговата лична поддршка и поддршката на владата.
Конференцијата ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а првиот извршен директор Александар Кржаловски рече дека со неа се отвара широката дебата за одржливоста на граѓанскиот сектор. Тој укажа и дека државната помош за невладиниот сектор не соодветствува на потребите, зашто државното финансирање е само 3% од буџетите на граѓанските организации, за разлика од Хрватска каде е 13% и Словенија со 24%.
Заев најави и можности за зголемување на буџетот, пред сè со зафаќањата во приходите од игрите на среќа, кладилниците и казината, како и од новите дејности како на пример медицинскиот канабис, од чие производство 10% оди за државата и од тие средства може да се финансираат и невладините.
Борис Копривникар, ексминистер за јавна администрација и вицепремиер на владата на Словенија од 2014-2018 во чиј мандат е донесен словенечкиот модел за финансирање на граѓанските организиации, укажа дека е клучно да се смени перцепцијата за државното финансирање – не станува збор дека владата дава донации, туку дека плаќа за добри услуги од граѓанските организации. Значи, тоа не е државна донација туку инвестиција во невладините.
Министерката за правда Рената Дескоска најави и дека во правната рамка, меѓу другото, се работи и на измени на Законот за донации и спонзорства, според кои ќе има даночни олеснувања за компаниите кои донираат на граѓански организации што се борат за остварување на човековите права и слободи.