Пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска вели дека е добро што мандатот на претседателот Ѓорге Иванов трае уште малку, откако тој ги врати во Собранието без потпис и реформските закони за Оперативно техничката агенција (ОТА), електронски комуникации и за заштита од дискриминација.
„Со непотпишување на указите за Законот за ОТА и Законот за електронски комуникации, Ѓорѓе Иванов уште еднаш се покажа како кочничар на реформските закони и е против професионализацијата на безбедносните служби. Со непотпишување на указот и за Законот за заштита од дискриминација тој се профилира како некој што е против заштита од дискриминација, против реформскиот процес и против концептот за фер општество за сите. Добро е што мандатот претседател ќе му трае уште кратко време“, рече Шахпаска на прес-конференција во Собранието.
На новинарско прашање дали има обезбедено 61 пратеник за повторно да се гласаат законите, таа ги повика колегите да гласаат за законите.
- ИВАНОВ НЕ ПОТПИШАЛ 11 ЗАКОНИ НА КОИ ПИШУВА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НЕ ГИ ПОТПИШУВА НИ РЕФОРМСКИТЕ ЗАКОНИ ЗА СУДСТВОТО
- ЗАКОНИТЕ СО ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЌЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ДОНЕСЕНИ И БЕЗ ПОТПИС ОД ИВАНОВ, ВЕЛИ ЏАФЕРИ
Иванов не потпишува закони со образложение дека дал заклетва да го штити Уставот и дека ќе ги брани интересите на Република Македонија. Тој не ги потпишува законите од 11 јануари, кога во Собранието беа усвоени уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија. Вратените закони сега треба да одат на трето читање во Собрание и одново да бидат гласани.
Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај, а претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.
Е. БОЧВАРОСКА