ДОБРО Е ШТО МАНДАТОТ НА ИВАНОВ МУ Е ПРИ КРАЈ, КАЖА ПРАТЕНИЧКАТА ШАХПАСКА ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПАК ВРАТИ РЕФОРМСКИ ЗАКОНИ

    ДОБРО Е ШТО МАНДАТОТ НА ИВАНОВ МУ Е ПРИ КРАЈ, КАЖА ПРАТЕНИЧКАТА ШАХПАСКА ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПАК ВРАТИ РЕФОРМСКИ ЗАКОНИПретседателот Ѓорге Иванов не ги потпишува законите од 11 јануари, кога во Собранието беа усвоени уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска вели дека е добро што мандатот на претседателот Ѓорге Иванов трае уште малку, откако тој ги врати во Собранието без потпис и реформските закони за Оперативно техничката агенција (ОТА), електронски комуникации и за заштита од дискриминација.

    „Со непотпишување на указите за Законот за ОТА и Законот за електронски комуникации, Ѓорѓе Иванов уште еднаш се покажа како кочничар на реформските закони и е против професионализацијата на безбедносните служби. Со непотпишување на указот и за Законот за заштита од дискриминација тој се профилира како некој што е против заштита од дискриминација, против реформскиот процес и против концептот за фер општество за сите. Добро е што мандатот претседател ќе му трае уште кратко време“, рече Шахпаска на прес-конференција во Собранието.

    На новинарско прашање дали има обезбедено 61 пратеник за повторно да се гласаат законите, таа ги повика колегите да гласаат за законите.

    Иванов не потпишува закони со образложение дека дал заклетва да го штити Уставот и дека ќе ги брани интересите на Република Македонија. Тој не ги потпишува законите од 11 јануари, кога во Собранието беа усвоени уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија. Вратените закони сега треба да одат на трето читање во Собрание и одново да бидат гласани.

    Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај, а претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира