ДОДЕКА СИТЕ ЧЕКААТ ПЛАН ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ, ВРАБОТЕНИТЕ И ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО СИ ОТИШЛЕ НА КОЛЕКТИВЕН ОДМОР

    ДОДЕКА СИТЕ ЧЕКААТ ПЛАН ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ, ВРАБОТЕНИТЕ И ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО СИ ОТИШЛЕ НА КОЛЕКТИВЕН ОДМОРСпоред последниот предлог на Комисијата за заразни баолести, учебната година треба да почне онлајн, освен учениците од прво до трето одделение и во училиштата со мал број ученици по паралелки. - Деца на Плоштад Македонија (Фото: К. Попов)

    Над 200 вработени во Бирото за развој на образованието и директорот си отишле на колективен годишен одмор без да ја изработат програмата за скратен наставен план за основните и средните училишта, на која чекаат илјадници наставници и професори за новата учебна година која, според последниот предлог од Комисијата за заразни болести, ќе биде онлајн за најголем дел од учениците.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека Министерството за образование и наука (МОН) таа задача на Бирото за развој на образованието му ја дала уште во април. Но, до денеска Програма за скратен наставен план за сите предмети во основните и во средните училишта, нема.

    Веќе требало да течат обуки за онлајн предавања, за интеракција со учениците и средношколците, како и за начинот на вреднување на нивните резултати, но и тоа не го направиле вработените во Бирото и директорот Зекирија Хасипи. Во меѓувреме расте нервозата кај родителите дали ќе се организира вистинска настава во претстојната учебна година, откако се импровизираше во второто полугодие од претходната.

    „Бирото требаше да организира обука за наставниците и професорите по враќањето од ’распуст‘, уште на почетокот на август. Обуките требаше да бидат од методичко-дидактички аспект. Требаше на целиот наставен кадар во Република Северна Македонија да му биде пратен планот за одвивање на скратена настава, каква што ќе се организира во новата учебна година, со распоред со сите часови и со мали паузи за одмор меѓу часовите. Но, ништо и од тоа“, велат во Министерството за образование.
    САКАМДАКАЖАМ.МК го побара директорот Хасипи, но тој ни пиша дека е на годишен одмор, надвор од државата. Упати на одговорно лице за односи со јавноста, но тоа не одговори на повикот и на смс пораката.

    „Со право е револтиран и нервозен наставниот кадар. Нема ни план, ни обуки. Не е исто настава со физичко присуство и онлајн настава преку компјутери. Како ќе ги вршат предавањата, како ќе ги оценуваат учениците, кога старото упатство од пред неколку месеци не е во ред и мора да се направи ново?“, прашуваат нашите извори од МОН, кои го чекаат Бирото и директорот да се вратат од колективен одмор.

    За разлика од Бирото, работна група во МОН план за скратена онлајн настава што ќе се искористи за предавање на учениците кои ќе ја следат наставата од дома поради пандемијата со коронавирус, изработиле уште пред еден месец. Тој е доставен до министерството.

    На 7 мај 2020 година Министерството ја формирало работната група за изготвување на програмата за настава со скратени часови. На чело на таа група е Митко Чешларов, раководител на Секторот за наставни планови и програми. Таа програма, велат во МОН, е важна и за ситуации со други елементарни непогоди, поплави, завејувања со снег и други ситуации, а не само за пандемијата со коронавирус. Тоа не е нешто што се прави од денес за утре, алармираат соговорниците.

    Во Бирото има и Одделение за професионален развој на воспитно-образовниот кадар, каде што треба да се праќаат прогресивните идеи и успешни проекти и начини на предавања, и да се уредат и направат достапни за сите наставници и професори преку веб сајт. Таа требало постојано да се надградува. За веб сајтот, неофицијално, потрошени се околу 500 илјади евра, но таа не функционира. Така, успешните проекти не може да се споделат како искуства и нив да ги користи целиот наставен кадар.

    Новата учебна година најверојатно нема да почне пред 15 септември. Засега нема буквално никаква насока, план или обука на професорите и наставниците. Во МОН не знаат ни кога отишле, ниту пак кога колегите од Бирото се враќаат од колективниот одмор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира