Догодина ќе почне да се казнува за сообраќајни прекршоци врз основа на снимките од камерите поставени низ скопските улици. Како што велат од Владата, на овој проект интензивно се работи за да може што побрзо да почне примената на снимките и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Догодина системот комплетно ќе биде ставен во функција и сметам дека тоа ќе придонесе за поголема безбедност и помалку сообраќајни несреќи на улиците. Се размислува во првите 6 месеци да се делува едукативно и информативно, а потоа да се почне со ригорозно казнување односно секој што ќе направи прекршок да биде казнет со тоа што веднаш ќе му бидат земени пари за казната од сметка“, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите во Клубот на пратениците во Скопје.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), годишно во Скопје се евидентирани 22.000 сообраќајни прекршоци.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто на улиците нема доволно сообраќајна полиција која ќе спречи дивеење како што е брзо возење, паркирање на трета лента и други прекшоци, Мицкоски рече дека ќе има.
„Ако има полиција тогаш сте полициска држава, ако нема полиција зошто нема, но еве сега полиција постојано ќе има затоа што мора да се стави крај на ваквите ситуации“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА