ДОКТОРИТЕ ДА МОЖАТ ДА ЛЕЧАТ И НАДВОР ОД МАТИЧНАТА БОЛНИЦА, НЕ САМО ВО ДРУГИ ДРЖАВНИ ТУКУ И ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, ФИЛИПЧЕ ПРЕДЛАГА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ

    ДОКТОРИТЕ ДА МОЖАТ ДА ЛЕЧАТ И НАДВОР ОД МАТИЧНАТА БОЛНИЦА, НЕ САМО ВО ДРУГИ ДРЖАВНИ ТУКУ И ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, ФИЛИПЧЕ ПРЕДЛАГА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТСекој лекар што е баран, а сака повеќе да заработи ќе може експертизата да ја пружи секаде во државата и во јавна и во приватна болница. (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    Лекарите од јавното здравство ќе може да патуваат од еден во друг град од земјава за да пружат одредена здравствена услуга и тоа во јавна и во приватна болница, а не како сега што патуваат пациентите, се предвидува со планираните измени на Законот за здравствена заштита, вели министерот за здравсто Венко Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Станува збор за измени кои се планира да се случат во 2021 година со кои на секој доктор ќе му биде дозволено да направи договор со која било јавна здравствена установа или по потреба и приватна здравствена установа, за да може својата услуга да ја даде каде било во државата.

    Министерот Филипче вели дека целта на овие измени е да им се дадат повеќе можности и на лекарите и на пациентите.

    „Од една страна, на лекарите во јавното здравство ќе им се даде можност да заработат екстра од редовната плата и дежурства, а од друга страна пациентите ќе ја добијат бараната интервенција поблиску до дома. Зошто на лекари-специјалисти во својата струка, кои сакаат да работат прекувремено, кои се почитувани и барани од пациенти да не им се даде можност добро да заработат од професијата во која се најдобри – да лекуваат, да оперираат? И зошто пациентите кои сакаат да добијат услуга од лекар на кого му веруваат да мора да патуваат за Скопје?“, вели Филипче и додава дека вака ќе добиеме ем поголем број задоволни пациенти, ем повеќе задоволни лекари“.

    Овој систем не е непознат во здравствените системи во повеќе европски земји и според Филипче, добро функционира. Законски ќе му се овозможи на лекарот да не биде стриктно ограничен да врши некоја интервенција или преглед само во здравствената установата каде што работи, туку ќе може неговата експертиза да ја пружи на пациентите во било која болница во државата со која ќе склучи договор.

    Филипче вели дека пред да бидат поднесени во Собранието, на предлог-измените на Законот  ќе им претходи  широка и јавна дебата во која ќе бидат вклучени опозицијата, претставници од приватното и јавното здравство, синдикатот, коморите, како и граѓански здруженија и невладин сектор.

    Со последните измени на Законот за здравствена заштита, кои во јули 2019 ги усвои Собранието, се овозможи граѓаните со доплата да изберат лекар-специјалист кој ќе ги лекува, или ќе го води хируршкиот тим за операции надвор од работното време, во попладневните часови, а да им важи осигурувањето од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Со овие законски измени, лекарите-специјалисти може да вршат дополнителна дејност во јавната здравствена установа во која работат, а за избор на лекар пациентите  треба да платат само за ангажманот на лекарот или тимот, по ценовник што го утврдува секоја здравствена установа, а го одобрува Министерството за здравство. Дополнителната дејност лекарите-специјалисти може да ја извршуваат во попладневните часови и кога не се на редовни дежурства, по завршување на редовните работни обврски.

    „Оваа можност важи за сите болници и клиники. Во овој ценовник треба да влезе сумата што е за лекарот и за тимот – медицинска сестра, административен работник…, а дел од тоа што ќе го платат граѓаните останува и за клиниката“, кажа министерот Филипче во септември 2019.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира