ДОКТОРИТЕ ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТНОТО, ПА СЕ РАЗВИВА ЗДРАВСТВЕН ТУРИЗАМ ВО ПОТРАГА ПО СЛОБОДЕН МОЈ ТЕРМИН

    ДОКТОРИТЕ ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТНОТО, ПА СЕ РАЗВИВА ЗДРАВСТВЕН ТУРИЗАМ ВО ПОТРАГА ПО СЛОБОДЕН МОЈ ТЕРМИНМинистерот за здравство Фатмир Меџити вели дека се работи на ажурирање на системот на Мој термин. (Фото: СДК.МК)

    Сѐ потешко се доаѓа до преглед кај специјалист преку Мој термин, се жалат и пациентите и матичните доктори. Причината според д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, не се одморите, туку одливот на специјалистичкиот кадар од јавното во приватното здравство. Реакциите на пациентите дека не може да се најде слободен Мој термин биле упатени кон матичните доктори.

    „Секој пациент бара термин за специјалистички преглед. Бараат термини за мамографија, за кардиологија, а нив ги нема. Факт е дека ние во Македонија, во јавното здравство имаме сѐ помалку специјалисти. Секој може да провери дека термини нема или тешко се доаѓа до нив. За пример нека провери секој, колку термини има слободни на Кардиологија.  Сѐпоголем е одливот на колегите од јавното здравство од болниците, во приватното здравство. Има болници како што се тие во Велес, Кавадарци, Кочани, Битола, каде има по еден специјалист и ако тој замине на одмор или е на боледување, пациентите од тој град мора да ги праќате во друг. Така дојдовме во ситуација да се развива здравствен туризам. Има случаи од Велес пациенти да се праќаат во Тетово“,  кажа д-р Чолакова-Дервишова.

    „Има болници како што се тие во Велес, Кавадарци, Кочани, Битола, каде има по еден специјалист и ако тој замине на одмор или е на боледување, пациентите од тој град мора да ги праќате во друг“, вели д-р Чолакова-Дервишова. (Фото: СДК.МК)

    Таа вели дека ова е сериозен проблем за кој се потребни сериозни решенија.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера имаше брифинг со медиумите, на кој ги претстави реформите во примарната здравствена заштита, и на новинарско прашање околу тоа дека нема термини за специјалистички термини, тој рече дека се работи на ажурирање на системот на Мој термин.

    „Имаме идеја и за тоа како да го направиме и работиме со тимовите што побрзо тоа да можеме да го сведеме на минимум чекањето за термини за било што, за дијагностика или за обични прегледи кај специјалисти“, рече вчера Меџити.

    Од денеска, како што најавија Меџити и д-р Злате Мехмедовиќ, кој е координатор на реформите за примарна заштита, матичните лекари ќе може да препишуват терапија за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира