Автопатот Миладиновци-Штип денеска свечено беше пуштен во употреба. Автопатот беше пуштен за сообраќај на 5 јуни и тогаш од Министерството за транспорт и врски рекоа дека свечено отворање нема да има.
На свеченото отворање денеска премиерот Зоран Заев кажа дека на косините долж автопатот ќе се засадат 600 илјади садници багрем.
„Овој автопат останува во посед на идните генерации. Патот ќе се плаќа од граѓаните на Северна Македонија. 10 отсто како учество на Јавното претпријатие за државни патишта, а 90 отсто сите ние даночните плаќачи ќе го враќаме кредитот кој што е поволен за вакви инфраструктурни проекти. Овој модерен автопат е лице на новата, модерна Северна Македонија“, рече премиерот Зоран Заев.
Изградбата на автопатот во должина од 47 километри, чини 177 милиони евра. Има четири ленти, плус две ленти за застанување, а проектираната брзина изнесува 130 километри на час. По неговата должина има и четири клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци и се спојува на коридорите 8 и 10. Последната клучка е Три Чешми, каде што ќе има спојување со новиот експресен пат Штип-Кочани, кој е во изградба.
Автопатот почна да се гради во февруари 2014 година и оригинално требаше да биде готов до март 2017.
А. АНТЕВСКА