Директорот на Институтот за јавно здравја Шабан Мемети кажа дека досега се направени 258 тестови за коронавирус, дека има доволно реагенси и нема потреба за загриженост кај граѓаните. Во однос на проширениот скрининг кој министерот за здравство Венко Филипче го најави за Дебар и околината, како и за Струга, Мемети рече дека се следат препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и дека се тестираат лица кои се сомнителни или имаат клиничка индикација за вирусот, како и дека не треба да се брза со тестирања оти има повеќе пристапи.
Тој одржа заедничка прес конференција со директорот на Центарот за јавно здравје д-р Армен Зибери кој кажа дека телефонските линии на кои граѓаните може да се јават доколку почувствуваат симптоми за коронавирус се пребукирани со повици.
„Не е точно дека вработените не креваат слушалка, имаме премногу повици, бидејќи луѓето се јавуваат и за секоја блага настинка. Знаете, владее и состојба на психоза, бидејќи ќе слушнат дека некој роднина или близок има сипмтоми и ѕвонат да се советуваат со нас. Многу луѓе се јавуваат, но се трудиме на сите да им одговориме и да им дадеме совети“, рече Зибери на заедничката прес-конференција со директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети.
Зибери додаде дека со министерот за здравство Венко Филипче разговарале за отворање на кол-центар во соработка со операторите во земјава.
Според Зибери, Центарот за јавно здравје располага со шест тима на епидемиолози кои работат по 24 часа, и имаат доволно заштитна опрема со оглед на тоа дека тие се најдиректно изложени на заболените од КОВИД-19.
„Најдобрата работа, најсуштинската која граѓаните може да ја направат е да ги слушаат сите мерки кои ги даваат надлежните органи, да не излегуваат без потреба. Најдобрата мерка за превентива е што помалку контакти“, рече Зибери.
Во земјава во моментов има 42 лица заболени од коронавирус, а до утрово немаше нови случаи, според последните информации од Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА