ДОЗНАВ ДЕКА СУМ ДОНИРАЛА ИЛЈАДА ЕВРА НА ВМРО-ДПМНЕ КОГА ДОБИВ ПОКАНА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО, КАЖА СВЕДОК НА „ТИТАНИК“

    ДОЗНАВ ДЕКА СУМ ДОНИРАЛА ИЛЈАДА ЕВРА НА ВМРО-ДПМНЕ КОГА ДОБИВ ПОКАНА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО, КАЖА СВЕДОК НА „ТИТАНИК“Покрај Груевски, кому му се суди во отсуство, во овој голем случај за изборни нерегуларности во три последователни изборни циклуси (2011, 2013 и 2014 година), обвинети се и: Илија Димовски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Билјана Бришкоска, Кирил Тодоровски, Леко Ристовски, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други членови на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Даниела Груевска (32) од Скопје, вработена за првпат во животот во основното училиште „Марко Цепенков“ во Зелениково од 2015 година, дознала дека во 2011 година била донатор на тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ кога добила покана да сведочи во истрагата за случајот „Титаник“ во СЈО. Таа е на списокот на стотици имиња кои никогаш не донирале по илјада и повеќе евра за оваа партија, а преку кои обвинетото злосторничко здружување на чело со избеганиот Никола Груевски перело пари за да прикаже легално финансирање на партијата. Стотици и стотици уплатници утврди обвинителството, биле пишувани со ист ракопис и најчесто на сума од 1.000 евра.

    Покрај Груевски, кому му се суди во отсуство, во овој голем случај за изборни нерегуларности во три последователни изборни циклуси (2011, 2013 и 2014 година), обвинети се и: Илија Димовски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Билјана Бришкоска, Кирил Тодоровски, Леко Ристовски, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други членови на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Дали во 2011 година вие лично имате уплатено како донација на некоја политичка партија во износ од 60 илјади денари?“, го праша обвинителката Лиле Стефанова сведокот Даниела Груевска.

    „Не, јас немам уплатено“, одговори таа.

    „Дали имате на друго лице дадено средства за да уплати во ваше име?“, праша обвинителката.

    „Не, немам дадено пари никому“, одговори сведокот.

    „Дали ви е познато дека ве има на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ?“, продолжи Стефанова.

    „Дека имам донирано 60 илјади денари првпат дознав кога ме повикавте да дадам изјава во СЈО. Всушност, веднаш кога ја добив поканата од обвинителството, на интернет го најдов списокот со донатори на ВМРО-ДПМНЕ, и таму го најдов моето име, со ’донирана‘ сума од 60.000 денари“, одговори сведокот.

    Бранителите на некои обвинети, откако кажа дека некој и ги фалсификувал личните податоци и во нејзино име донирал за партијата ВМРО-ДПМНЕ, ја предложија Груевска за нивни сведок, за директно испрашување, на околности дека била партиски активист и работела на проекти, што не е поврзано со наводите на обвинението на Стефанова.

    Судот го прифати предлогот и на прашање таа одговори дека била секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година.

    „Дали бевте ангажирана на проекти пред да се вработите во 2015 година?“, праша адвокатката.

    „Можеби сум била“, одговори сведокот, но како и првото, така и второто немаше врска со тоа што таа никогаш не донирала, а е на списокот на донатори на ВМРО-ДПМНЕ со уплатница на нејзино име.

    По ова, одбраната соопшти дека Даниела Груевска ја прогласува за непријателски сведок. Следуваа кратки, вкрстени прашања кон сведокот, кои треба да ги одговори само со „да“ или „не“.

    Но, имаше само едно прашање, а сведокот одговори дека во СЈО рекла оти таа не донирала за ВМРО-ДПМНЕ, но не знае дали некој донирал во нејзино име.

    По неа сведочеше Наталија Галева од Струмица, на која обвинителката Стефанова и ги постави истите прашања и како и на претходниот сведок. И овој сведок одговори дека никогаш не донирала илјада евра за ВМРО-ДПМНЕ и оти се изненадила кога го видела своето име на списокот од партиската сметка за избори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира