ДРЖАВАТА ПЛАЌА 350.000 ЕВРА ГОДИШНО НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ОТИ АРСОВСКА НЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРО

    ДРЖАВАТА ПЛАЌА 350.000 ЕВРА ГОДИШНО НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ОТИ АРСОВСКА НЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРОБидејќи реализацијата на проектот не е почната, согласно договорот, средствата не се повлечени и стојат на сметка на ЕБОР, а согласно условите на неповлечените средства се плаќа камата од 0,5 % на годишно ниво, велат од Министерството за финансии. (Фото: СДК.МК)

    Од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) оти градоначалничката Данела Арсовска не ги користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување Бас рапид транзит систем (БРТ) односно не го гради автобуското метро во Скопје.

    Парите стојат нечепнати односно не се користат и поради тоа државата плаќа камата, бидејќи Арсовска од доаѓањето на функција лани во ноември кажа дека нема да го прави автобуското метро. Рече дека тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов, а граѓаните ја избрале нејзе и нејзиниот проект за 250 еколошки автобуси. Парите не можат ниту да се пренаменат и да се користат за друг проект, оти во договорот со ЕБОР стои дека тие се одобрени токму затоа што БРТ е високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и побрз транспорт во градот.

    Од Министерството за финансии неколку пати побарале одговори од Арсовска што планира да прави со овој проект, но таа ги ингорира и не им одговара на прашањата и повиците.

    „Имплементацијата на проектот за воведување БРТ транспорт е во надлежност на Град Скопје, од каде Министерството за финансии, иако има испратено во неколку наврати писмено барање, нема добиено повратна информација за статусот и плановите за реализација на проектот. Условите за користење на средствата се утврдени со Договорот за заем. Бидејќи реализацијата на проектот не е почната, согласно договорот, средствата не се повлечени и стојат на сметка на ЕБОР. Согласно условите на неповлечените средства се плаќа камата од 0,5 % на годишно ниво“, велат од Министерството за финансии.

    Кредитот во висина од 70 милиони евра беше одобрен од ЕБОР лани во април и е наменски за воведување на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Кисела Вода до Бутел. Кредитот го зема државата, а беше потпишан од министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, ексградоначалникот Петре Шилегов и претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси. Во октомври на сајтот на ЕБОР беше објавен меѓународниот тендер за воведување на БРТ во Скопје, за кој Арсовска по доаѓањето на функцијата ја прекина постапката.

    „Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справување со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуиран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси.

    Градоначалничката Арсовска во изминатите неколку месеци не кажува дали и официјално и известила ЕБОР и Владата дека нема да го прави автобуското метро. Таа постојано одбива да одговори на новинарските прашања на оваа тема, исто како што не им одговара на Министерството за финансии и Министертсвото за транспрот и врски.

    Во јули годинава кажа се водат преговори и кога ќе завршат ќе ја информира јавноста. Прашана зошто води преговори кога рече дека нема да го прави автобуското метро и дали тоа значи дека ретерира од таа првична изјава, Арсовска не даде конкретен одговор туку рече дека работи во интерес на граѓаните и тие да добијат квалитетен јавен превоз.

    Проектот за автобуско метро Градот го правеше со странски експерти, за двете линии, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода, трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат првата траса би биле околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3-4 минути и од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да се стасува за 35 минути.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира