ДРЖАВНАТА ПОМОШ ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ЌЕ ЗАВИСИ ОД НИВНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, НАЈАВИ ЗАЕВ

    ДРЖАВНАТА ПОМОШ ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ЌЕ ЗАВИСИ ОД НИВНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, НАЈАВИ ЗАЕВПатрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство во Македонија, и премиерот Зоран Заев на денешната средба на Mакедонско- германската стопанска комора (Фото: Ѓ. Личовски)

    Утре ќе биде објавен пакетот мерки за директна помош за поттикнување нови и поддршка на стари инвестиции, рече премиерот Зоран Заев денес пред компаниите членки на Mакедонско- германската стопанска комора.

    „Ништо нема да им биде одземено на тие што досега инвестирале, туку поддршката од државата ќе биде соодветна на резултатите што компаниите ги покажуваат и се гледаат преку завршните сметки”.

    Мерките ќе бидат за нови инвестиции, но и за постојните. Колку ќе расте извозот, толку ќе биде поголема и поддршката. Ќе има мерки според кои поддршката ќе расте соодветно на користењето на домашни суровини и услуги. Но ништо нема да биде изнасилено, рече премиерот Заев.

    Тој најави дека во пакетот мерки има и такви за помош на домашните компании да се прилагодат за да може да соработуваат со странските инвеститори.

    „Лично јас и мојот тим им стоиме на располагање на инвеститорите“, им понуди премиерот, додавајќи дека доаѓа од бизнис секторот и ги разбира нивните потреби.

    Германската стопанска комора во Македонија најави дека на 27 септември ќе почне проект за приватно-јавно партнерство за дуално стручно образование.

    А. САЛТИРОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари