ДУЌАНЏИИТЕ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА ЌЕ РАБОТАТ И ВО НЕДЕЛА СО 100 ПРОЦЕНТИ ПОВИСОКА ДНЕВНИЦА ЗА РАБОТНИЦИТЕ, КАЖА БЕКТЕШИ, ТРЕБА ДА ИЗГЛАСА СОБРАНИЕТО

    ДУЌАНЏИИТЕ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА ЌЕ РАБОТАТ И ВО НЕДЕЛА СО 100 ПРОЦЕНТИ ПОВИСОКА ДНЕВНИЦА ЗА РАБОТНИЦИТЕ, КАЖА БЕКТЕШИ, ТРЕБА ДА ИЗГЛАСА СОБРАНИЕТОИзманите на Законот се доставени до Собранието и сега се чека на пратенците да ги усвојот, за да може одлуката да стапи на сила пред почетокот на туристичката сезона. (Фото: СДК.МК)

    Измените на Законот за трговија во делот на недела неработен ден се во собраниска процедура и со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година“, кажа денеска во Охрид министерот за економија Крешник Бектеши на средбата со дуќанџиите кои бараат недела за нив да биде работен ден.

    Тој истакна дека во зависност од работата на Собранието се очекува најдоцна за две недели овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона. Со измените се предвидува работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела да добиваат дневница поголема за 100 проценти, а за останатите дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи предвидени се дневници поголеми за 50%.

    Според Бектеши овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

    „Имајќи ги предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга, овие законски измени очекуваме дека ќе придонесат за уште поуспешна сезона. Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата“, кажа Бектеши.

    Како дел од мерките коишто и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам, како што истакна министерот, е и мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски приходи, за што со ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари, а ќе се обезбедат ваучери за 1.500 до 2.000 семејства.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира