За една година собрани се 2 милиона евра од продажбата на пластични ќеси. Откако лани во декември на сила стапи новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќесите за пазарање во маркети и продавници се наплаќаат по 15 денари. Надоместокот од 15 денари за биоразградливи ќеси се евидентира и пренесува во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање.
Со парите, како што најави министерот за животна средина Насер Нуредини, ќе се купат 5.000 контејнери кои ќе се поделат на Општините.
„Во Фондот за управување со отпад до крајот на септември се собрани околу 96 милиони денари и според таа динамика до крајот на годинава очекуваме да се соберат 120 милиони денари. Програмата предвидува финансирање на набавка на 5.000 контејнери и садови за селекција на отпад за домаќинствата, со што ќе им се помогне на Општините за обезбедување услови за воспоставување на систем за управување со отпадот. Ќе се користи посебна методологија, односно услов ќе биде Општините да имаат потпишано договор со колективни постапувачи со отпад“, рече Нуредини.
Министерството ќе спроведе и кампања за развивање на позитивни навики за селектирање на отпадот во домаќинствата.
Нуредини вели дака овој проект дал резултати. Иако на почетокот имаше злоупотреби, сега граѓаните стакнале навика да пазарат со платнени или картонски ќеси. Според проценките, употребата на пластички ќеси е намалена и за десет пати.
А. АНТЕВСКА