ДВА ПАТИ ВО МЕСЕЦОТ ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ОДАТ НА ГОСТИ КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ВО ВИЛАТА ВОДНО

    ДВА ПАТИ ВО МЕСЕЦОТ ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ОДАТ НА ГОСТИ КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ВО ВИЛАТА ВОДНОВчера гости на претседателот Стево Пендаровски беа децата од основното училиште „Киро Глигоров“ од Скопје.(Фото: Претседател на РСМ)

    Вилата Водно каде се наоѓа Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски ќе биде отворена за посета од граѓани. Претседателот Пендаровски ќе ги пречекува граѓаните и ќе ги шета низ неговата канцеларија и останатите работни простории, за да може секој што сака да види каде шефот на државата ги извршува задачи.

    „Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и вилата Водно се отворени за сите граѓани, како што беше и ветено во изборната кампања на Пендаровски. Секој што има желба, ќе има можност да ги види одблизу кабинетот, работните простории на Вилата и на сите вработени во Кабинетот на претседателот, салата каде што се организираат настани и прес-конференции. Отворениот кабинет ќе биде редовна пракса. Влезот во Вила Водно ќе биде слободен за сите најмалку 2 дена во месецот“, велат од Кабинетот на Претседателот.

    Посетителите ќе имаат можност да дознаат факти за објектот, а исто така ќе може да учествуваат на настани од јавен карактер коишто се организираат во Вилата, како што е менувањето на државното знаме.

    За посета на Кабинетот и на Вила Водно секој граѓанин може да се пријави пополнувајќи формулар, кој се наоѓа на сајтот на Претседателот. Потоа граѓаните ќе бидат исконтактирани од вработените во Кабинетот и информирани кога ќе биде организирана нивната посета и средба со Претседателот.

    Од Кабинетот на Пендаровски велат дека покрај средбите во Вила Водно, Претседателот ќе има средби со граѓани и низ другите градови во земјава.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари