Најавите од минатата недела дека во екот на пандемијата е потребно да се формира национална комисија за справување со коронавирусот, а оваа предводена од д-р Жарко Караџовски да се распушти, ВМРО-ДПМНЕ ги операционализираше денеска со предлог за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Со тоа сега во Собранието има два предлога за истата тема, еден од Владата, еден од пратениците на опозициионите: ВМРО-ДПМНЕ Алијанса-Алтернатива и Левица. Од партиски извори дознаваме дека тие ќе бараат претседателот на Собранието Талат Џафери утрешниот дневен ред на седницата на која треба да се донесат измените што ги поднесе Владата да го дополни со нивниот денешен предлог за национална комисија.
Додека министерот за здравство Венко Филипче и државните инспекторати чекаат по итна постапка утре да се донесат измените кои ќе бараат носење маска и на отворено, а инспекторатите ќе добијат одврзани раце за парични казни и затворање на објекти кои не почитуваат мерки, опозицијата најавува долг ден во Собранието.
Опозицијата бара составот на националната комисија да биде на предлог на Владата и да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат: министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле: тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.
Законот предвидува донесените препораки од страна на Комисијата да бидат јавни и да се доставуваат до Владата која што ќе има обврска задолжително да постапува по нив.
ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе обезбеди кворум за измените што ги предлага Владата, но нема да ги гласа. Неофицијално, и кворумот е доведен под знак прашалник, бидејќи владејачкото мнозинство бара построги мерки против коронавирусот и послободни инспектори кои на терен би се справиле полесно со физичките и правните лица кои ги игнорираат мерките и препораките од Владата и од Комисијата за заштита од заразни болести. Партиски извори велат дека владејачкото мнозинство нема да се согласи со формирање нова Комисија, како што бара ВМРО-ДПМНЕ.
Деновиве ВМРО-ДПМНЕ изрече серија тешки обвинувања како за Филипче, така и за Комисијата, нарекувајќи ги неспособни да се справат со големите бројки на новозаразени и на починати лица.
Претседателот на Комисијата д-р Жарко Караџовски денеска одговори на тие обвинувања.
„Ниту се продавам за ситни пари ниту сум мафијаш, јас сум професионалец и сите во Комисијата за заштита од заразни болести сме професионалци, таму членувам од 1994 година. Ако некој од нас бара оставка, треба да аргументира зошто ја бара. Јас сум член на Комисијата за заразни болести во континуитет 26 години. И другата партија кога беше на власт внатре сме биле исклучиво професионалци од областа. Бевме обвинувани дека земаме големи пари, дури дека се продаваме за ситни пари и дека сме мафијаши. Имам автомобил стар 18 години, имам двособен стан, а не хациенда како што се пишуваше. Нека ми каже некој преку која истражна комисија, дали полиција, финансиска полиција, завршна сметка или кој било потпис, министерот ми има потпишано екстра пари мене или на Комисијата. Нека дојде меѓународна комисија да го провери тоа. Ние од Комисијата сме чисти како солза. Сме направиле 132 состаноци, имаме аргументација од 50 страници. Тој материјал го чувам на три места да не ми го украде некој, сè е тука“, рече Караџовски.
Филипче и Караџовски денеска уште еднаш апелираа до пратениците утре да се изгласаат законските измени со кои ќе може да се имплементираат построги мерки, како носење на маска на отворено и забрана за собирање гости во домовите повеќе од 4 лица, и додадоа дека тие мерки се со цел да се избегне полициски час.
С. К. ДЕЛЕВСКА