Мамографските слики за откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози. Новиот начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите болници во Скопје и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид, преку надградба на МојТермин.
Од Министерството за здравство велат дека ова е воведено за максимално да се зголеми бројот на откриени заболени во рана фаза од болеста, а за да се постигне тоа потребно е апаратурата, начинот на снимање и читањето на сликите да ги исполнува највисоките европски стандарди.
„Комисијата за рана детекција на ракот повеќе од една година работи на исполнување на овие стандарди“, велат од Министетството за здравство.
Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум осумстотини пациенти. Од Министерството за здравство велат дека со новата софтверска програма ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на кои што се прикажуваат и радијационите дози што ги добиваат пациентите.
„Годинава на скрининг треба да се јават жените на возраст од 50 до 69 години. Со ова Македонија ќе биде единствена држава во регионот која има вакви процедури за контрола на квалитетот, како што има во Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија, кои се лидери по успешност на мамографскиот скрининг”, велат од Министерство за здравство.
Вчера, на традиционалната Розова прошетка што ја организираше здружението „Борка“, министерот за здравство Венко Филипче рече дека во тек е набавка на нови мамографи и дека ги сервисирале постоечките, поради што претходно имало застој во дијагностиката. Тој апелираше сите жени кои ќе бидат повикани на скрининг да одговорат на повикот, бидејќи раната дијагностика спасува животи.
Е. БОЧВАРОСКА