ЕДНА ГОДИНА ЗАГЛАВЕНО БАРАЊЕТО НА СЈО КАЈ ВАНГЕЛОВСКИ ВО ВРХОВНИОТ СУД ДА СЕ ИСПИТА ЗАКОНИТОСТА НА СПОГОДБАТА ЗА ЅВОНКО КОСТОВСКИ, ЕДИНСТВЕН ОСУДЕН ЗА „ПУЧ“

    ЕДНА ГОДИНА ЗАГЛАВЕНО БАРАЊЕТО НА СЈО КАЈ ВАНГЕЛОВСКИ ВО ВРХОВНИОТ СУД ДА СЕ ИСПИТА ЗАКОНИТОСТА НА СПОГОДБАТА ЗА ЅВОНКО КОСТОВСКИ, ЕДИНСТВЕН ОСУДЕН ЗА „ПУЧ“Нема одлука на Кривичниот совет со кој претседава претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за Барањето заштита на законитоста (БЗЗ) за случајот “Ѕвонко Костовски“. (Фото.СДК.МК)

    Точно една година во Врховниот суд е заглавено  барањето на Специјалната обвинителка Катица Јанева да се испита законитоста на спогодбата со која Ѕвонко Костовски, единствениот осуден од згаснатиот случај „Пуч“, потпишал дека признава дело помагање во шпионажа.

    „Нема одлука на Кривичниот совет (со кој претседава Јово Вангеловски) за Барањето заштита на законитоста (БЗЗ) за случајот Костовски“, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Врховниот суд.

    Истиот тој Совет на чело со Вангеловски, во мај експресно го ослободи од притвор избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, обвинет од СЈО во случајот „Труст“, откако тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски поднесе БЗЗ на одлуката за притвор на Кочан. Петчлениот совет одлучи дека притворот бил незаконски и го укина, а  Сеад Кочан си се врати дома слободен.

    Тоа барање до Врховниот суд Зврлевски го поднесе на 27 март, по одлуката за притвор, т.е. откако Кочан избега. Веќе на 13 мај, Кривичниот совет изгласа укинување на притворот. Тоа ќе се случеше уште поекспресно, но Јанева се побуни зошто Зврлевски се меша во нејзини предмети, по што Врховниот суд на општа седница донесе одлука да го овласти државниот обвинител да ги спори одлуките во врска со предметите на СЈО.

    За разлика од овој, Вангеловски и Кривичниот совет имаат поинаков аршин за БЗЗ на Катица Јанева за Ѕвонко Костовски. Барањето е поднесено во октомври лани. Спогодбата беше криена кај Зврлевски и во Советот на јавни обвинители под раководство на Петар Аневски, а кога беше најдена во Кривичниот суд, Вангеловски не ја стави на дневен ред, туку замина на одмор.

    На 14 септември годинава, конечно Кривичниот совет во Врховниот суд заседаваше за оваа точка, а застапник од СЈО беше обвинителката Фатиме Фетаи, која повторно праша:

    „Каде го има тоа да немате осуден за кривично дело, а да имате осуден за помагање, во која држава, во кој судски систем?“

    Во Спогодбата на Обвинителството за организиран криминал со Ѕвонко Костовски направени се процесни повреди на одредбите кои се применуваат при спогодувањето за вина, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

    „Спогодбата е на штета на осудениот Костовски, бидејќи тој е прогласен за виновен, односно осуден за помагач за кривично дело шпионажа. Во овој случај не било утврдено кривично дело шпионажа, ниту била утврдена конкретна одговорност на непосредниот сторител на кривичното дело шпионажа, бидејќи битието на тоа дело се состои во прибавување на тајни податоци и документи, со намера да бидат предадени на странска држава, организација. Во пресудата ниту е наведено која е таа странска држава, ни која организација, ни лица“, објасни Фетаи како во пресудата со спогодбата има осуден помагач на кривично дело, а нема сторител, ниту докажано дело.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари