ЕКИПАТА НА МНТ ШТО ГОСТУВАШЕ ВО КИНА Е СКЕНИРАНА ВО ПЕКИНГ И ИСТАНБУЛ И НЕМА СИМПТОМИ НА КОРОНАВИРУС, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЕКИПАТА НА МНТ ШТО ГОСТУВАШЕ ВО КИНА Е СКЕНИРАНА ВО ПЕКИНГ И ИСТАНБУЛ И НЕМА СИМПТОМИ НА КОРОНАВИРУС, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Единствена група на македонски граѓани кои биле во Кина е екипата на МНТ, кои биле на 2.000 километри одалеченост од Вухан. Комунициравме со нив, скенирани се во Пекинг и Истанбул, и немаат никакви симптоми“, рече министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: Влада)

    Актерската екипа на претставата „Галеб“ од Македонскиот народен театар (МНТ), која минатата недела се врати од Кина е скенирана на излез од аеродромите во Пекинг и Истанбул и немаат никакви симптоми на коронавирусот, изјави денес министерот за здравство Венко Филипче.

    Екипата на МНТ гостуваше на20. уметнички фестивал „Средба во Пекинг“, а претставата се играше на 21 јануари. Во претставата во режија на Нина Николиќ, играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.

    На Скопскиот аеродром од вчера е поставена термална камера со која се скенираат патниците од летовите од Дубаи и Истанбул, кои имаат конекција со регионот Вухан во Кина, од каде што почна да се шири коронавирусот.

    „Единствена група на македонски граѓани кои биле во Кина е екипата на МНТ, кои биле на 2.000 километри оддалеченост од Вухан. Комунициравме со нив, скенирани се во Пекинг и Истанбул, и немаат никакви симптоми“, кажа Филипче.

    На Скопскиот аеродром, согласно распоредот на летови од Истанбул и Дубаи е направен и распоред на лекари-епидемиолози од Центарот за јавно здравје Скопје. Доколку преку камерата, вели Филипче, се детектира дека некој од патниците има покачена температура, првиот чекор е интервју со епидемиолозите, дали доаѓа од Кина и дали имал контакт со некој заразен. Доколку има индикации за коронавирусот, патникот со специјално возило на Брза помош ќе биде однесен на Инфективната клиника. Во текот на денот исто така, како што кажа Филипче, на аеродромот ќе бидат поставени броеви и флаери за патниците да се информираат каде може да се јават доколку ги имаат симптомите.

    Бројката на починати од новиот коронавирус сега изнесува 106, а случаите на нови заразени речиси двојно се зголемени за еден ден, соопштија кинеските власти. Бројот на вкупно заразени во Кина се искачи на 4.515 на 27 јануари, споредено со 2.835 ден претходно.

    Коронавирусот предизвикува сериозна инфекција на дишните патишта и засега нема лек или вакцина. Најголем дел од смртните случаи се постари луѓе и луѓе со хронични болести.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира