„ЕКО КЛУБ“ ДОНЕЛЕ 1,7 ТОНИ МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО „ДРИСЛА“ САМО ВО ВТОРНИКОТ, А ЦЕЛА 2019 ГОДИНА УНИШТИЛЕ 4,7 ТОНИ

    „ЕКО КЛУБ“ ДОНЕЛЕ 1,7 ТОНИ МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО „ДРИСЛА“ САМО ВО ВТОРНИКОТ, А ЦЕЛА 2019 ГОДИНА УНИШТИЛЕ 4,7 ТОНИ„Симптоматично е што најголем дел од количината која оваа година е уништена од оваа фирма е токму дента кога беа објавени во јавноста неправилностите во нивното работење“ - директорот на Дрисла Коста Начевски (Фото: Ѓ.Личовски)

    Фирмата „Еко клуб“ лани во печката на депонијата „Дрисла“ уништила 4,7 тони медицински отпад, а само за еден месец оваа година донеле 1,9 тони ваков вид отпад. Директорот на депонијата „Дрисла“ Коста Начевски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека на 4 февруари, само неколку часа откако градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција кажа дека „Еко клуб“ несоодветно го третирала отпадот, од оваа фирма на депонијата пристигнале 3 камиони со 1,7 тони медицински отпад и било побарано да биде согорен во печката.

    „Симптоматично е што најголем дел од количината која оваа година е уништена од оваа фирма е токму дента кога беа објавени во јавноста неправилностите во нивното работење. Претходно годинава само еднаш донеле медицински отпад за согорување во ‚Дрисла“ и тоа во јануари кога се уништени 200 килограми ваков отпад. Лани цела година се донесени 4,7 тони отпад што е само двојно повеќе од отпадот кој сега беше донесен само во еден ден“, вели Начевски.

    За согорување на медицински отпад во печката на „Дрисла“ се наплатува по 59 денари за 1 килограм односно еден тон фирмите ќе ги чини 59.000 денари. Депонирање пак на еден тон комунален отпад на депонијата чини 670 денари.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во вторникот објави снимки како во погоните на „Еко клуб“ медицинскиот отпад без термички да се обработи и стерилизира се депонирал како комунален отпад на „Дрисла“. На снимките се забележуваат епрувети со крв, игли, шприцеви, крвави гази и друг медицински отпад, исцедокот од камионите се исфрла во канализација, а кучиња скитници го јадат и развлекуваат отпадот.

    Државниот инспекторат за животна средина извршил контрола неколку дена после градските инспектори да ја снимат ваквата слика, и не биле констатирани никакви отстапки и прекршувања во постапката за третман на медицински отпад.

    Министерот за животна средина Насер Нуредини вчера изјави дека сите лиценци кои се дадени за третман на медицински отпад ќе се преиспитаат.

    Сопственик на фирмата „Еко клуб“ е унгарскиот почесен конзул од Битола Сашо Јанакиевски кој вчера ни изјави дека не може да даде официјална изјава зашто што веќе не бил сопственик на мнозинскиот капитал во „Еко клуб“. Кажа дека сопственик на 60 проценти од фирмата е германска компанија, која деновиве ќе имала прес и ќе ја разјаснела состојбата.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира