Во полициската станица Кисела Вода од вечерва е приведен Стефан Богоев, поранешен директор на Царинската управа на Македонија и поранешен потпретседател на СДСМ. Неофицијално, приведен е под сомневање за влијание за избор на фирма за чистење за време на мандатот од една година. Од Финансиската полиција велат дека во акцијата се опфатени и други лица, како и други кривични дела, а и дека во неа учествува не само обвинител, туку и судија на претходна постапка.
„Во текот на денешниот ден, овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведуваат претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации. Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери. Во рамки на акцијата, а во согласност со насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција лишени од слобода се повеќе лица“, соопшти Финансовата полиција.
Дел од осомничените пред судија ќе бидат изнесени утре.



