ЕКСПЕРТИТЕ ЗА КОВИД СЕГА СТАНАА ЕКСПЕРТИ ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА

    ЕКСПЕРТИТЕ ЗА КОВИД СЕГА СТАНАА ЕКСПЕРТИ ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈАБислимоски вели дека не треба да се гледаат цените на нафтата на светската берза, бидејќи според методологија на РКЕ, податоците се преземаат од Медитеранската берза за секој дериват посебно, бидејќи ние немаме рафинерија. (Фото: МИА/принтскрин)

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека сериозен проблем претставува растот на курсот на доларот, што предизвикува притисок врз цените на горивата. Поради тоа, тој вели дека не треба да се прават споредби колку била цената на нафтата во минатото со цените на нафтените деривати кај нас сега.

    „Вредноста на доларот отиде над 59 денари и такви квазиексперти кои кажуваат колку била цената на нафтата пред 5-6-7-8 години ја кажуваат само таа работа, ама не кажуваат дека доларот тогаш бил 40 денари. Сега е особено популарно да се шпекулира, експертите за ковид сега станаа и експерти за енергетика, за цени на светски берзи и се обидуваат да протнат за краткорочна употреба лажни вести сè со цел да предизвикаат внимание. Сериозен проблем во изминатата недела ни претставува и курсот на доларот, кој прави притисок и од 57 порасна на 59 денари. Би сакал РКЕ да носи само цени за намалување, но реалноста е сосема спротивна од моите желби“, изјави Бислимоски на денешната прес-конференција за одземање на лиценцата на БЕГ производство.

    Бислимоски вели дека не треба да се гледаат цените на нафтата на светската берза, бидејќи според методологија на РКЕ, податоците се преземаат од Медитеранската берза за секој дериват посебно, бидејќи ние немаме рафинерија.

    „На експертите да им кажам дека со последната методологија РКЕ ги презема податоците од Медитеранската берза како што тоа го прават Италија, Грција, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, сите земји во регионот за секој дериват посебно. Тоа што го гледате на светските берзи за Брентот, ние не го земаме предвид како земја која што за жал нема рафинерија. Ги земаме цените за готови производи, посебно за бензин, посебно за дизел, посебно за екстра лесно и посебно за мазут“, објасни Бислимоски.

    Претседателот на РКЕ соопшти дека е одземена лиценцата на БЕГ Производство за топлинска енергија, на нивно барање, а такви барања стигнале и од БЕГ Дистрибуција и БЕГ Снабдување, сите три компании од холдингот БЕГ, кои досега обезбедуваат топлинска енергија за 60.000 домаќинства во Скопје.

    Сега, кажа тој, Владата и Министерството за економија треба во најкус можен рок да организираа јавен повик за избор на нов вршител на дејноста производство на топлинска енергија. Бислимоски верува дека роковите за тоа ќе биде завршени навремено.

    Од РКЕ уверуваат дека нема да има никаков прекин во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, а лично Бислимоски е со став новиот вршител на дејноста да биде во државна сопственост.

    „Имајќи ги предвид искуствата на други градови од бивша Југославија, оваа дејност ја вршат компании во државна сопственост или во сопственост на општините и градовите, како Љубљана, Белград, Нови Сад, Сараево… Ако ме прашувате мене лично, оваа дејност треба да ја врши компанија во државна сопственост затоа што Градот Скопје не покажа интерес да се бави со оваа дејност“, вели Бислимоски.

    Во случај да снема природен гас од Русија, за што тој вели дека зависи од геополитика и ние немаме никакво влијание, Македонија е способна да најде природен гас од други места, како на пример од Грција преку Бугарија, како и да се користат алтернативни горива како мазут или дизел.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира