ЕКСПРЕСНО БИЛ НАБАВЕН ЕКСПЛОЗИВ ЗА „КОСМОС“ ОТИ ГРУЕВСКИ НЕ БИЛ ЗАДОВОЛЕН ОД БАВНОТО УРИВАЊЕ, КАЖА СЈО НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТНТ“

    ЕКСПРЕСНО БИЛ НАБАВЕН ЕКСПЛОЗИВ ЗА „КОСМОС“ ОТИ ГРУЕВСКИ НЕ БИЛ ЗАДОВОЛЕН ОД БАВНОТО УРИВАЊЕ, КАЖА СЈО НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТНТ“Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за почетокот на судењето за предметот „ТНТ“. (Фото: М. Златевска)

    Судијата Огнен Ставрев од Одделот за организиран криминал при Основниот суд Скопје 1 го почна судењето за предметот на СЈО „ТНТ“ во кој што експремиерот Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и уште четворица вработени во општината се обвинети за незаконско и одмаздничко уривање на станбено деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски во август 2011 година.

    Иако одбраната на почетокот се обиде да го одложи овој судски процес, нарекувајќи ги камерите во судницата свадбарски, несоодветни и неповрзани со АКМИС, судијата Ставрев рече дека судењето сепак ќе почне, а сите приговори и забелешки адвокатите да повелат и да ги изнесат во записникот.

    Одбраната потоа прејде на оспорување на доказите од „бомбите“ од кои што јавноста можеше да слушне како се договара уривањето на „Космос“, инвестиција на Цановски од 30 милиони евра откако тој на крајот на 2010 година го откажа партнерството со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и премина во таа на СДСМ.

    Но, обвинителот од СЈО Бурим Рустеми укажа дека прислушуваните разговори со правосилна судска одлука на Скопска апелација се прогласени за важечки и ќе се користат во целата постапка. Рустеми, во воведниот говор, објасни како првообвинетиот Груевски со второобвинетиот Јанакиески ја договориле целата операција на незаконското уривање, како што рече Рустеми, на комплексот на Цановски.

    Во детали тој објасни како првин за да добие воопшто одобрение за градба го уценувале Цановски, а потоа и откако го им го откажал партнерството ја договориле и реализирале акцијата за незаконското уривање, помогнати од тогашниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски.

    „Не се чувствувам виновен/виновна по ниедна точка од обвинението“, беа идентични изјавите на сите седуммина обвинети.

    На судењето, СЈО најде и незаконитост во експресната тендерска постапка за избор за фирма за уривање на градбата, која што со набавката на експлозив ја има оштетеното Општина Гази Баба за три милиони денари. Неопходноста од оваа јавна набавка, дополни обвинителот Стевчо Донев од СЈO, била затоа што Груевски не бил задоволен од бавното темпо на уривање на објектот со механичкиот метод, со кој што почнала општината.

    На судењето присуствува и претставник на правниот сектор на Амбасадата на САД во Скопје.

    Одбраната побара пауза да се консултира за воведните зборови на обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира