ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧЕН СУД ПАНЧЕВСКИ НЕПРАВОСИЛНО ОСУДЕН НА ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР, ОТИ РАЧНО ДОДЕЛУВАЛ ПРЕДМЕТИ

    ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧЕН СУД ПАНЧЕВСКИ НЕПРАВОСИЛНО ОСУДЕН НА ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР, ОТИ РАЧНО ДОДЕЛУВАЛ ПРЕДМЕТИМерката притвор на обвинетиот Панчевски е укината, оти нема повеќе услови за неа, а била изречена заради обезбедување присуство на главна расправа. (Фто: СДК.МК)

    Експретседателот на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски е прогласен за виновен и неправосилно е осуден на три и пол години затвор. Ова е пресудата на судијката Валентина Ѓорѓиевска од Основен суд Велес, која доцна вечерва ја изрече по 12 часа работа на денешното рочиште.

    Панчевски беше обвинет за злоупотреба на службена положба, дека рачно местел предмети како претседател во Основен суд Скопје1 во периодот додека од 2013 до 2016, според обвинението вкупно 45. Судијката најави дека детално пресудата ќе ја образложи откако писмено ќе ја подготви, но дека пресудни биле сведочењата на сведоците и на вештачењето на вештото лице. Мерката притвор на обвинетиот Панчевски е укината, оти нема повеќе услови за неа, а била изречена заради обезбедување присуство на главна расправа.

    Обвинителката Цветанка Богоевска во завршниот збор кажа дека обвинетиот директно влијаел на распределбата на предметите кај одредени судии.

    „Со свој потпис обвинетиот одредувал кој судија ќе работи одреден предмет. Ова е спротивно од Законот за судовите, директно влијаел на распределбата на предметите. Со преземените дејствија, обвинетиот влијаел на движењето на предметите, оформувањето, предавањето во работа и на состојбата со управувањето на системот“, кажа Богоевска.

    По изрекувањето на пресудата обвинетиот не реагираше, не кажа ниту збор. Претходно, во завршен збор рече дека обвинението е политичко.

    „Обвинителството имало политички притисок да го води овој предмет и да има исход што го побара министерската за правда Рената Дескоска. Нема анализа за предметите кои се делеле со потпис. Ако обвинителството анализирало, ќе констатирало дека така секој месец судиите добивале по еден предмет, не завршувале сите кај еден. Сите судии од Кривичниот оддел за полнолетни се вклучени во распределбата на предметите, немало фаворизирање. Нема ниту последица од кривичното дело. Кое лицемерие од обвинителството, да отвора предмет за мене оти сум им ги прекршил правата, а лицата кои се обвинети во тие дела се во бегство“,  кажа во завршниот збор обвинетиот Панчевски.

    Неговите бранители го оспорија вештачењето, оти било изготвено од лице кое сега нема лиценца. Судот го отфрли ова барање, оти вештакот имал лиценца во периодот додека го работел вештачењето во периодот 2014- 2019 декември.

    Четири часа траеше увидот во предметите каде параф ставал обвинетиот, при што присутните во судницата можеа да слушнат дека освен за предметите на СЈО „Шамари во Центар“ и  „Талир“ нема ниту едно звучно име, повеќето биле за кривични дела превоз на мигратни, за недозволена трговија со дрога, за злоупотреба на службена положба.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира