АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) донира прочистувачи на воздух во детски градинки, училишта и болници во Битола, Тетово, Кичево, Новаци и во три општини во Скопје.
Драган Миновски, директор на АД ЕЛЕМ, рече дека се свесни дека дел од нивните капацитети за производство на струја придонесуваат во загадувањето и дека се обидуваат да ги подобрат еколошките перформанси и затоа одлучиле да донираат прочистувачи на воздухот во оние општини кои се најпогодени од работата компанијата.
„Успеавме да заштедиме 40.000 евра на адвокатски услуги за 2017 година, кои требаше да ги користи АД ЕЛЕМ. Место користење на овие адвокатски услуги, нашите правнци работеа по тужбените барања. Одлучивме овие средства да ги донираме во заедницата“, рече Миновски.
Тој кажа дека прочистувачи на воздухот ќе добијат детските градинки во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, како и градинките во Тетово и Кичево.
„Ќе донираме прочистувачи за воздух во училиштата во Општина Новаци, како општина која се наоѓа најблиску до РЕК Битола, како и во училиштата во селата во оваа оштина, односно во Бач, Гермијан, Живојно, Рибарци, Добромири, Далбеговци, Агларци и Рапеш. Ќе донираме и во болницата во Битола, односно во одделението за белодробни заболувања 7 инхалациони небулајзери и еден апарат за спирометрија, кои според надлежните во болницата добро ќе дојдат и ќе бидат од помош во овој период на настинки и други потешки заболувања на кои им погодува и зимата и загадениот воздух. За одделението за реанимација ќе донираме два ЕКГ апарати“, рече Миновски.
Тој кажа дека во буџетот за наредната година предвидени се средства за целосен ремонт на двата блока во РЕК Битола, како и средства за поставување на потребните системи за отпепелување и филтри.
„Преговорите со Министерството за животна средина за добивање А интегрирана еколошка дозвола за работа се почнати и на почетокот на следната година ќе се утврди динамиката на задачи што треба да ги извршиме за да ја добиеме дозволата“, кажа Миновски.
Е. БОЧВАРОСКА