ЕСМ ПОНУДИ ЦЕНА ЗА ПРОИЗВЕДЕНА СТРУЈА 7 ЕВРА ПОСКАПА ОД ДОСЕГАШНАТА, НО НАД 6 ПАТИ ПОЕВТИНА ОД БЕРЗАНСКАТА

    ЕСМ ПОНУДИ ЦЕНА ЗА ПРОИЗВЕДЕНА СТРУЈА 7 ЕВРА ПОСКАПА ОД ДОСЕГАШНАТА, НО НАД 6 ПАТИ ПОЕВТИНА ОД БЕРЗАНСКАТАОд ЕСМ соопштија дека корекцијата на цената мора да се гледа во контекст на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона. - РЕК Битола (Фото: СДК.МК)

    ЕСМ понуди цена на произведената електрична енергија од 48 евра за мегаватчас за периодот јули-декември 2022 година. Цената за претходното шестмесечје, јануари-јуни беше за седум евра поевтина и изнесуваше 41 евро по мегаватчас.

    Од компанијата соопштија дека корекцијата на цената мора да се гледа во контекст на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона. Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од ЕСМ.

    „Кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегаватчас треба да се земе предвид дека цените за електрична енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022г. се движат меѓу 320 и 360 евра за мегаватчас. Доколку АД ЕСМ пресмета пазарна цена кон ЕВН Хоме тогаш крајната цена за граѓаните би била приближна до бројките од берзанските цени. Но, и понатаму се обидуваме да одржиме колку што можеме пониска цена и корекциите да бидат во рамките на тоа што е неизбежно за да се обезбеди функционалност на компанијата“, соопштија од ЕСМ.

    За периодот јули-декември 2022, ЕСМ ќе ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100% да ги покрие потребите на граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60%), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО. Конзумот на струја е зголемен за 27% , поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување).

    Од тие причини, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20% повеќе од производството во 2021 година.

    „Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино’, соопштија од ЕСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира