Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан најави дека Европската комисија кон средината на месецов ќе испрати експерти по право да ѝ помогнат на новата влада да ги спроведере реформите од областа на правосудството.
Тој за специјализираниот портал Јурипиан Вестерн Балканс изјавил дека „власта и опозицијата мора да се фокусираат на имплементација на итните реформски приоритети и на Договорот од Пржино за да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат“.
„Како што најавив, испраќам експерти за владеење на правото назад во Скопје за да го следат развојот на настаните во врска со препораките од 2015 година и да ја советуваат новата Влада за системски прашања поврзани со владеење на правото“, рекол Хан.
На 27 јуни во Македонија беше лично водачот на тимот Рајнхард Прибе. Неговиот тим ќе дојде во Македонија од 17 до 21 јули.
Со слична мисија во понеделник доаѓа и високиот претставник на германското Министерство за наворешни работи Михаел Рот. И тој доаѓа со најава дека ќе ја предупреди опозициската ВМРО-ДПМНЕ на обврската да не ги блокира реформите за да покаже дека навистина сака да ја види Македонија во ЕУ и НАТО.
Владата на Заев минатата недела во рамки на програмата 3-6-9 најави серија мерки во областа на правосудството.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги блокира мерките со формирањето 10 пратенички групи во Собранието и со одолговлекување на расправите до недоглед.