ЕУ ЌЕ ИСПОРАЧА ДАТУМ ВО ЈУНИ ИЛИ ЈУЛИ, МЕРКЕЛ НЕ Е ПРОТИВ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    ЕУ ЌЕ ИСПОРАЧА ДАТУМ ВО ЈУНИ ИЛИ ЈУЛИ, МЕРКЕЛ НЕ Е ПРОТИВ, ВЕЛИ ЗАЕВЗоран Заев со Ангела Меркел и Емануел Макрон на состанокот со лидерите од Западен Балкан во Берлин на 30 април. (Фото: Влада на РСМ)

    Информацијата дека германската канцеларка Ангела Меркел е против доделување датум за преговори со ЕУ за Северна Македонија е стара, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на реновираниот оддел на Клиниката за пластична хирургија, коментирајќи ја веста објавена од повеќе медиуми, повикувајќи се на „Зидојче Цајтунг“.

    Тој кажа дека очекува во јуни или јули да добиеме датум за преговори за членство во ЕУ и дека тоа е достижно.

    „Разговаравме со пратениците од парламентарното мнозинство и самите се свесни дека тоа нема да биде одржливо ако не добиеме датум. Но, оптимист сум дека ЕУ ќе испорача. Одам следната недела на средба со канцеларката Ангела Меркел, која беше тука и за референдумот да ни даде поддршка, и таа не е против“, рече Заев.

    На прашањето дали ќе преговара и со опозицијата ако не добиеме датум, тој кажа дека за тоа треба да има разговори и дебата дали ќе се оди на избори.

    „Изборите не се добри за економијата, и кога сите ни даваат ветер во грб, треба да ја искористиме шансата“, кажа Заев.

    На новинарското прашање дали можеби Македонија ќе биде оставена да ја чека Албанија за датум за преговори, премиерот рече:

    „Албанија е наш голем пријател убаво е да одевме заедно, да а си помагаме. Верувам дека ќе се донесе одлука и за двете земји, но ниту една земја не смее да биде закочена поради екстерни околности кои не зависат од самата земја. Правилата на Европската Унија се јасни, ако земјата испорача треба и Европа да испорача. Мерит систем постои за секоја земја. Не сме позаслужни никогаш повеќе од сега. 15 години нашата земја чека“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира