Европската унија потврди дека каква било влада што би била формирана по избори на 5 јуни за кои меѓународната заедница смета дека нема да бидат веродостојни, нема да биде призната како партнер на официјален Брисел, јави агенцијата Мета повикувајќи се на изјава на портпарол на Европската комисија.
„Во вакви услови, секоја влада која ќе оди на избори во кои трите најголеми политички партии не учествуваат, нема да биде веродостоен партнер на меѓународната заедница. Затоа, Комисијата ги повикува сите политички лидери и релевантни власти да преземат одлучни чекори за решавање на ситуацијата и да го почитуваат Договорот од Пржино. Исто така, ги повикува лидерите неодложно да се справат со постојаните проблеми со владеењето на правото. Ова особено се однесува на потребата да се повлече помилувањето од претседателот. Правдата мора да надвладее и мора да се види. Тоа е единствениот начин да се врати вербата на граѓаните во државните институции, да се стави крај на тензиите и да се зачува владеењето на правото. Политичките лидери не може да се преправаат дека оваа е вообичаена работа. Последните чекори и идните недејствувања сега ќе имаат сериозни последици“, вели портпаролот на Европската комисија.
Брисел жали што континуираната политичка криза ја оддалечува земјата од евроатлантските аспирации, соопшти за „Мета“ портпаролот на Европската комисија.
“Комисијата забележа дека неколку партии до вчерашниот краен рок не ги поднеле своите кандидатски листи до Државната изборна комисија. Не гледаме дека се создадени минимални услови за веродостојни избори на 5 јуни 2016 година, кои би биле признаени од меѓународната заедница, соопшти портпаролот на ЕК.
Од Брисел потсетуваат дека повеќепати ја истакнувале потребата од прочистување на избирачкиот список, обезбедување на балансирано медиумско известување и од истрага за заплашувањето на гласачите.
Комисијата вели дека останува посветена и достапна да им помага на партиите. Сепак, партиите се тие што се одговорни да обезбедат демократски прогрес и да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат.